Собранието ќе ја чека Владата за наследник на Коцевски – како се бира Обвинител?
Собранието ќе чека да добие предлог од Владата, па потоа ќе распише оглас за избор на нов јавен обвинител, откако Љупчо Коцевски по неполни две години даде оставка непосредно пред да биде разрешен во законодавниот дом. Ако во овој случај Владата не беше обврзана да го почитува мислењето на Советот на јавни обвинители, овојпат за да се избере нов републички обвинител, Советот ќе мора да даде позитивно мислење.
Препорачано
Од Владата не прецизираат кога ќе го достават предлогот до Собранието, но велат дека ќе ги почитуваат законските одредби.
– Постапките се предвидени со законски одредби, и како Влада ќе постапуваме во согласност со истите – велат од Владата.
Законот за јавни обвинители предвидува дека изборот на републичкиот обвинител се врши најдоцна два месеца пред истекот на мандатот на актуелниот, односно веднаш по испразнувањето на местото, како во овој случај. Според Законот, за јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано лице што ги исполнува следниве општи услови: да е државјанин на Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да има деловна способност, да има завршени правни студии и положен правосуден испит.
Посебен услов за државен јавен обвинител е кандидатот да има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Сега, по предлог на Владата, Собранието треба да распише оглас за именување јавен обвинител на Македонија во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник“.
Во процедурата за избор на јавен обвинител, по пријавувањето на кандидатите, Владата треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати. Советот е должен да ги подготви образложените позитивни или негативни мислења во писмена форма во рок од 15 дена. Ако Советот од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку и по овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Ако, пак, Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител на Македонија и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас. Од пријавените кандидати што ги исполнуваат условите и кои добиле позитивно мислење од Советот, Владата одбира еден и го доставува како предлог пред Собранието, каде што изборот, исто како и разрешувањето, се врши со просто мнозинство. За кандидатот што ќе го предложи Владата за државен јавен обвинител кон предлогот се доставува и мислењето од Советот.
Советот на јавни обвинители за утре закажа седница на која ќе биде избран в.д. републички јавен обвинител на местото на Коцевски. По речиси една година од почнувањето на постапката на Владата, Коцевски поднесе оставка кога веќе беше јасно дека ќе биде разрешен во Собранието.
Во своето обраќање Коцевски обвини за политички притисоци. Според неговите толкувања власта сакала да го разреши затоа што јавно зборувал за проблемите и недостигот на ресурси, но и за „прочистувањето“ на редовите на Обвинителството, алудирајќи на неговата битка со поранешниот шеф на скопското вишо Обвинителство, Мустафа Хајрулахи. За власта неговата оставка е крај на еден мрачен период, а за опозициската СДСМ со ова власта го „покорува“ правосудството.


