Собранието ги констатира оставките на Бислимовски и на Ристовска
Собранието ги констатира оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимовски и на Цвета Ристовска член на Антикорупциската комисија.
Ниту Бислимовски, ниту Ристовска не се појавија во Собранието да ги образложат оставките.
Препорачано
Бислимовски не достави до Собранието писмено образложение за оставката. Ристовска пак, наведе дека поднесува оставка по недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа во
Државната комисија за спречување на корупцијата.
-Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет – напиша Ристовска.


