Со укинувањето на техничката влада, власта подготвува изборна кражба, вели Филипче
Претседателот на СДСМ Венко Филипче во интервју за „Алсат“ рече дека со укинувањето на техничката влада се загрозуваат фер и демократските изборни процеси во државата, а власта се подготвува за изборна кражба.
Препорачано
„Техничка влада мора да остане затоа што на маса се фер и демократски избори. Без техничка влада нема гаранција дека тоа ќе се случи. Всушност нема да се случат фер и демократски избори. Се спрема изборна кражба“, рече Филипче.
Тој рече дека системот на техничка влада е воспоставен како гаранција за фер изборен процес и дека неговата промена повторно отвора прашања за изборните услови во државата.
„Затоа е донесена техничка влада. Тогаш важела за изборите 2016 година, така е донесен законот, да важи само за тие избори. Меѓутоа на барање Христијан Мицкоски во 2018 година, повторно е донесена таа измена и тогаш е ставено во законот техничката влада да важи до влезот на Македонија во Европската унија. Зошто сега му се брза? Зошто сега сака тоа да се тргне. Тоа е единствената гаранција дека во земјава ќе има фер и демократски избори.“, потенцираше Филипче.
Ваквите најави за промени не се изолирани, туку има за цел да ја намали контролата врз институциите и кражба на изборниот процес.
„Вистинското прашање е зошто сега сакаат да го сменат законот за влада? Зошто не им одговара технички министри од опозицијата, тоа е вистинското прашање? И јас еве веќе ви одговорив, целосно затоа што не сакаат контрола зашто ќе им ги фатиме и сите престапи и криминалите тоа не сакаат. Затоа не сакаат да дозволат. Е, тоа сака да го направи оваа власт, зошто? Затоа што бегаат од контрола и од вистината“, рече Филипче.
Во однос на можните политички чекори, Филипче најави повлекување од работната група за Изборниот законик доколку се продолжи со измените.
„Да, ако овој закон се донесе, нови начини, ќе ја напуштаме работната група за носење на изборниот закон поради тоа што не може да се однесува вака насилнички. Ако оваа влада е донесена со консензус и договор со четирите најголеми политички партии и гарант дури биле САД и ЕУ во 2016 година, тогаш апсолутно на овој шверцерски начин нема да дозволиме носење на закон за влада“, додаде претседателот на СДСМ.
Откако Филипче го услови, Мицкоски објаснува: Техничката влада не се укинува за следните избори


