Со сите маани, Попова Шапка „врие“ од туристи, сите ги чекаат најавените инвестиции

Фото: Слободен печат

Попова Шапка изминативе два викенда беше преполна со туристи. Снегот падна подоцна од вообичаено, скијачката сезона задоцни, но туристите не се откажуваат од ски-центарот со големи предности, но и маани.

Фото: Слободен печат

Атила Абдулахи, ски-инструктор и професор по физичка култура, вели дека Попова Шапка ги има сите предуслови да прерасне во европски скијачки центар, но потребни се сериозни чекори и инвестиции. Тој изминатиов викенд со своите ученици од ски-школата „Грин Тим“ скијаа на патеката Церипашина.

Фото: Слободен печат

Рано наутро дошле меѓу првите во центарот, со цел да ги избегнат гужвите и да најдат место за паркинг, што е еден од поголемите проблеми на ски-центарот. Абдулахи се надева дека Попова Шапка ќе го врати сјајот, а неговите ученици ќе скијаат во вистински европски ски-центар.

Фото: Слободен печат

„Господ ни ја дал природата, не само Попова Шапка, туку и северната и јужната страна во областа Рудока, на Шар Планија има одлични патеки за слободно скијање, има доста патеки и за длабок снег. Но, најмногу недостасува најпрвин паркинот, тоа како ќе се реши, со катната гаража или со приватното партнерство што го најавија. Фазите ги гледавме, и да бидам оптимист, ако барем 50 % од тоа што Владата го договори со инвеститорот се оствари, тогаш Попова Шапка ќе дојде до тој степен да е меѓу најдобрите во Југоисточна Европа. Задоволство е да се скија на Попова Шапка, која треба да го врати сјајот. Ски-лифтовите се обновија, има доста снег, но треба уште ски- патеки, треба паркинг, тука доцниме и со инсталација за вештачки снег, која ни е неопходна сега со глобалното затоплување, рече Абдулахи.

За време на скијачката сезона, центарот е посетен и од планинари, на кои предизвик им да се искачуваат на планинарските врвови во снежни услови.

Николче Јовановски го затекнавме на 2.500 метри надморска височина. Со жичница се искачи на највискоката точка на ски-патеката „Церипашина“ и заедно со неговиот пријател пеш продолжија со патешествието на Шара, до врвот Бакардан. Времето беше променливо и магловите, но тоа нема велат да ги предомисли да се вратат, оти и ризикот е предизвик.

Фото: Слободен печат

„Планот е до планинариме до врвот „Бакардан“, ова за нас претставува и тренинг на снег. Оваа планина нуди одлична можност, оти нуди повеќе врвови над 1800 метри и сите врвови се пристапни. Времето е такво какво што е. Имаме некоја ориентација, имаме искуство, оставаме малку и на спонтаноста, оти и ризикот е предизвик, вели планинарот Јовановски .

Од скијачкиот центар „Попова Шапка“ велат дека се задоволни од почетокот на скијачката сезона. Имаше проблеми со сообраќајот на отворањето на сезоната, но сега има голема организација од Министерството за внатрешни работи и тие проблеми се надминати. Се надеваат дека скијачката сезона ќе трае дури до месец април, со оглед на големата снежна покривка од над 90 сантиметри, но и најавените врнежи во текот на месец Февруари.

„Ова е веќе втор викенд, сериозен викенд и работиме со полн капацитет и треба да го дадеме нашиот максимум. Тука да ги пофалиме и СВР Тетово за организацијата на сообраќакот и како се одржуваат патиштата. Работаат сите ски – лифтови, но треба да имаме во предвид дека имаме густа магла во центарот овој период и мора да водиме сметка за безбедноста на скијачите, ако во одреден период има густа магла, ние во тој период ставаме надвор од употреба одреден ски лифт, вели Адеми.

Фото: Слободен печат

Во најавениот инвестициски план на компанијата од Италија „Техно Алпин“ пишува дека оваа компанија ќе инвестира на Попова Шапка во инсталација во вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта.

Очекувањата се инвесторот и Владата да потпишат договор, а од април да се започне со првите инвестиции, но засега не се кажува дали ќе стане збор за концесија или Јавно- приватно партнерство.

Секоја инвестиција на Попова Шапка што не вклучува изградба на жичарница од Тетово е бескорисна – се согласиле министерот за животна средина Насер Нуредини и претставниците на италијанската компанија „Техно Алпин“, која според властите треба да инвестира 180 милиони евра во македонскиот зимски туристички центар. Но, според информациите тие не сакаат да инвестираат ниту денар без претходно да се најде решение со властите за постоечката жичарница, која е надвор од функција од 2001 година. Министерот Нуредини во изјава за „Алсат“ вели дека во моментов се водат разговори за тоа кој треба да ја финансира изградбата на жичарницата.

Инвестицијата на италијанската компанија на Шапка „запна“ околу жичарницата од Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот