Инвестицијата на италијанската компанија на Шапка „запна“ околу жичарницата од Тетово

Фото: МИА

Секоја инвестиција на Попова Шапка што не вклучува изградба на жичарница од Тетово е бескорисна – се согласиле министерот за животна средина Насер Нуредини и претставниците на италијанската компанија „Техно Алпин“, која според властите треба да инвестира 180 милиони евра во македонскиот зимски туристички центар. Но, според информациите тие не сакаат да инвестираат ниту денар без претходно да се најде решение со властите за постоечката жичарница, која е надвор од функција од 2001 година. Министерот Нуредини во изјава за „Алсат“ вели дека во моментов се водат разговори за тоа кој треба да ја финансира изградбата на жичарницата.

„Овде разговараме кој и како ќе финансира, дали ќе финансира инвеститорот или државата или ќе се дели. Без гондола, да бидеме реални, нема да има ни ски-центар. Не е идејата да се качуваме високо со коли или да градиме нови паркинзи. Мораме да ја заштитиме природата горе таму и да се изгради гондола“, вели Нуредини.

Првата фаза од инвестицијата се очекуваше да започне годинава, но се чини дека инвеститорот го условил потпишувањето на договорот.

„Ако почнува инвестиција на Попова Шапка, мора да почне и изградбата на гондолата. Инвеститорот уште од почеток многу јасно кажа дека за да се развие Попова Шапка како ски-центар, ќе треба гондола, едното и другото да одат заедно. Дали инвеститорот ја услови изградбата на гондолата со потпишување на договорот? Видете, како што кажав претходно, тие не условуваа, туку изјавија дека без гондола не е можно, ќе мора да има гондола. Зошто не го потпишат договорот ако нема договор за гондолата? Разговаравме дали ќе потпишат или не, но тоа го кажувам и самиот како човек кој доаѓа од финансискиот сектор, дека без гондолата не работи ниту другото“, додава министерот.

Дополнително, за да се реализира оваа инвестиција, државата мора прво да подготви нов закон за стратешки инвестиции и паралелно да го подготви договорот со компанијата Техно Алпин. Тоа може да трае со месеци, но доколку нема договор за жичарницата, тогаш дури и со години.

Инаку, во инвестицискиот план оваа компанија се планираше приоритет да му се даде на системот за вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот