Капка Касабова

Со книгата „Граница“ писателката Капка Касабова ја раскажува приказната за луѓето од последната граница во Европа

Издавачот „Или-или“ објави уште еден превод на книга од Капка Касабова. По одличниот прием на „Кон езерото“, овој пат од англиски на македонски јазик, во превод на Бранислав Мирчевски, објавена е книгата „Граница“. Објавувањето на истата е поддржано од Фондот за централна и источна Европа во Амстердам и Министерството на култура на С Македонија.

Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се: „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и книгите од балканската трилогија „Граница“ (2017), „Кон езерото“ (2020) и „Еликсир“ (2023). Таа е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на aнглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска.

За „Граница“, авторката вели: „Оваа книга ја раскажува приказната за луѓето од последната граница во Европа. Онаму каде што Бугарија, Грција и Турција се доближуваат и оддалечуваат, а границите се токму тоа што се. Тоа е местото каде што Европа почнува, а нешто друго што не е сосем Азија завршува.“

– Така е географски, но картата ќе те одведе само до одредена точка, a ќе се најдеш во гора од оставината што врие од сенки и живее надвор од времето. Таму завршив и јас. Веројатно сите погранични земји вибрираат со фреквенциите на несвесното; конечно, границите се место каде што материјата се лити. Сепак, оваа погранична област вибрира со еден особенo привлечен тон и е посебна од три причини. Прво, поради незавршените работи од Студената војна; второ, бидејќи оваа област е една од големите дивини на Европа; трето, бидејќи овде се спојуваат континентите уште откако постојат континенти.

Мојата генерација во Источна Европа созреа со падот на Берлинскиот ѕид. Во сенката на оваа граница поминаа моите детски години во Бугарија, во времето на последната фаза на „социјализмот со човечки лик“, како што гласеше несреќниот слоган од тоа време. Така, беше природно патувањето околу границата целосно да ме обземе. Кога си близу до некаква граница, невозможно е да не бидеш обезмен, да не посакаш да ја преминеш или пречекориш. Со самото тоа што си таму, ја добиваш поканата. Ајде, шепне таа, премини преку линијата. Ако се осмелиш. Преминувањето на линијата, дење или под закрилата на ноќта, е страв и надеж истовремено. Некаде те очекува чамџија чие лице не можеш да го видиш. Луѓе умираат преминувајќи граници, а понекогаш и само кога се на чекор до нив. Оние среќните, пак, одново се раѓаат на другата страна – истакнува Касабова.

Книгата на Касабова е добитник на многу меѓународни награди и досега преведена на преку 20 јазици, а книжевната критика напиша: „Оваа книга е извонредно лично истражување на граничната област помеѓу Грција, Бугарија и Турција. Писателката со бугарско потекло разговара со ловци на богатство, ботаничари, бегалци, шверцери – за да објави необични, живописни, трогателни човечки приказни. Таа доаѓа до тоа со поетски сензибилитет и новинарска љубопитност. Прекрасна, блескава комбинација.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот