Фестивалот е посветен на современите авторски и уметнички практики

Со две дела и едно видео композиторката Ана Пандевска ќе учествува на фестивалот „Еклат“ во Штутгарт

Македонската композиторка Ана Пандевска ќе учествува на престижниот фестивал за современа музика „Еклат“, кој ќе се одржи од 4 до 9 февруари 2026 година во Штутгарт, Германија. Таму ќе се претстави со две музички композиции и едно видео во рамки на програмата посветена на современи авторски и уметнички практики.

Двете композиции ќе бидат изведени од реномираниот вокален ансамбл „Neue Vocalsolisten Stuttgart“, додека видеото е реализирано во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.

Во програмата се вклучени делата Електроакустична мантра „From ex YU to EU“ (2022/2023) и „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“ (2025). Првото дело е засновано на концептот на мантрата како чин на повторување и е инспирирано од долгиот и комплексен процес на европските интеграции на Македонија по распадот на Југославија.

Преку вокални и електронски структури, делото ја проблематизира трансформацијата на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското и политичкото повторување, како и процесот на промена на името на државата – од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.

Второто дело, создадено во 2025 година, функционира како иронична кода на првото. Во „Pass the Word / Clap Game“, бирократската и дипломатската комуникација е претставена како игра, во која правилата, ветото и регулативите добиваат апсурдни димензии. Хуморот е свесно употребен како начин на ослободување од акумулираната напнатост, но под површината останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и постојаните надворешни блокади поврзани со уставните, јазичните и идентитетските прашања.

Двете композиции се занимаваат со повторување и трансформација, претставувајќи две емоционални фази на истиот процес – од искрената желба за припадност до свесната иронија по децении продолжена транзиција. Со овие дела, Ана Пандевска поставува прашање: Како звучи прогресот кога никогаш целосно не пристигнува?

Во поширок контекст, делата ја отвораат и темата за тоа како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот