Лина Ѓорчева / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Со Ана на ТИ | Македонката која го освои Холивуд — Лина Ѓорчева: Светот нè препознава само кога знаеме кои сме

Во најновото издание на поткастот „Со Ана на ТИ“ гостува Лина Ѓорчева, македонска композиторка, вокалистка, продуцентка и магистер по комуникации, која со својот талент, амбиција и професионализам ги освојува светските сцени и филмската индустрија во Холивуд.

Разговорот започнува од нејзиното детство во Скопје и првите музички чекори со виолината и пијаното, па сè до студиите и животот во Грац, Виена, Грција и Италија. Лина зборува за патот од класично музичко образование до создавање филмска и оркестрирана музика, како и за предизвиците да се изгради интернационална кариера како уметник од Македонија.

„Ние сме генерација која ја помина технолошката транзиција, но го задржавме социјалниот интелект од дружењето на улица“, вели Лина, нагласувајќи дека токму тие корени ја обликувале како личност.

Таа споделува искуства од работата со светски оркестри и студија, снимањата во Лос Анџелес и Холивудскиот симфониски оркестар, соработките со филмски композитори, продуцентски тимови и имиња како најголемиот оркестратор во Холивуд, Конрад Поп.

„Тие ме побараа мене. Но, талентот е само еден дел. Моите студии по комуникации ми помогнаа да ги разберам деловните процеси и организацијата. Во овој свет, мора да знаеш како да се претставиш и како да менаџираш со сопствениот потенцијал“, објаснува таа.

За неа, успехот не се мери само со бројки и кариера, туку со внатрешното чувство на среќа и автентичност. Таа верува дека секој поединец треба да си го дефинира успехот според сопствените мерила, а не според општествените калапи.

Лина открива и дека веќе работи на иновативен национален проект „Мајчин јазик“, кој ја поврзува музиката со вештачката интелигенција (AI), со цел зачувување и промоција на македонскиот јазик. Смета дека вештачката интелигенција е одлична алатка, но дека човечката емоција е она што секогаш ќе ја прави уметноста бесмртна.

Поткастот „Со Ана на ТИ“ можете да го гледате секој петок во 19 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот