Плати од два и пол до сто денари

Снемува „стотки“ во банките и во менувачниците, НБРМ тврди дека недостиг нема

Во оптек наместо банкнотите од 100 денари кои ретко се наоѓаат, може да се забележи поголемо присуство на банкноти од 200 денари и монети од 50 денари

Има или нема доволно „стотки“ во оптек? Иако Народната банка уверува дека во оптек има доволно банкноти од 100 денари, реалноста на терен е сосема поинаква. Граѓаните веќе со недели се жалат дека тешко доаѓаат до „стотки“, а потврда за тоа стигнува и од банките и од менувачниците, од каде што велат дека недостигот сериозно се чувствува.

Во дел од банкоматите веќе подолго време не можат да се подигнат банкноти од 100 денари, а шалтерските работници признаваат дека ситуацијата станува проблематична и за секојдневното работење.

– Недостигот се чувствува веќе повеќе од три недели. Клиентите постојано бараат ситни апоени, а ние најчесто можеме да им понудиме банкноти од 200 денари. Се снаоѓаме како можеме – велат вработени во една од банките за „Слободен печат“.

Слична е состојбата и во менувачниците, каде што велат дека речиси е невозможно да се обезбедат доволни количини банкноти од 100 денари.

– Стотки нема доволно. Луѓето бараат, особено за секојдневни плаќања и кусур, но во последниот период главно добиваме банкноти од 200 денари и монети од 50 денари. Стотки има, но до нив тешко се доаѓа – велат од една скопска менувачница.

Граѓаните, пак, реагираат дека проблемот најмногу се чувствува во маркетите, во такси-превозот и во помалите продавници, каде што кусурот станува вистински предизвик.
И покрај ваквата состојба на терен, од Народната банка тврдат дека нема причина за загриженост и дека не станува збор за недостиг на банкноти од 100 денари.

– Како што и претходно информиравме, според податоците на Народната банка во оптек циркулираат 20 милиони банкноти со апоенска вредност од 100 денари, количина која е сосема доволна за непречено одвивање на готовинските текови. Следствено, не станува збор за недостиг на банкноти од овој апоен – велат од НБРМ.

Оттаму објаснуваат дека институцијата врши прилагодување на количините на одредени апоени со цел да се обезбеди рамномерна застапеност на сите банкноти во оптек.

– Со цел намалување на притисокот на побарувачката врз одредени апоени и обезбедување рамномерна застапеност на сите апоени во оптек, Народната банка врши прилагодувања на барањата за повлекување на готовина од страна на банките според моменталната застапеност на количините на сите апоени во оптек – објаснуваат од централната банка.

Но, и покрај овие уверувања, банките и менувачниците велат дека реалната состојба покажува поинаква слика. Дел од нив во експозитурите на банките дури и добиле и известувања од нивните централи дека моментално нема доволно банкноти од 100 денари во оптек.
Во меѓувреме, Народната банка потврдува дека е во тек набавка на нови банкноти од 100 денари. Според институцијата, се реализира договор за јавна набавка на 20 милиони нови банкноти.

– Заради навремено надополнување на залихите на банкноти со апоенска вредност од 100 денари, во тек е реализација на склучен договор за јавна набавка на количина од 20 милиони парчиња што ќе обезбеди непречено задоволување на потребите од овој апоен за период од околу три до четири години – велат од НБРМ.

Новите банкноти нема веднаш да се појават во банките и во банкоматите. Од Народната банка најавуваат дека тие постепено ќе се пуштаат во оптек, и тоа како замена за старите и оштетени банкноти кои веќе не ги исполнуваат условите за користење.

– Банкнотите ќе се пуштаат постепено во оптек како редовна замена за банкнотите кои ги изгубиле своите природни карактеристики да циркулираат во оптек и како такви треба да бидат повлечени и уништени – додаваат од централната банка.

И додека институциите уверуваат дека системот функционира нормално, граѓаните и вработените во финансискиот сектор секојдневно се соочуваат со реален недостаток на најкористениот апоен. Прашањето што останува е – ако навистина има 20 милиони „стотки“ во оптек, зошто граѓаните со недели не можат да дојдат до нив?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот