Снабдувач со струја доби опомена пред суспензија
Бизнисот со електрична енергија не е секогаш профитабилен. Енергетските експерти објаснуваат дека и пазарот на електрична енергија е динамичен како и секој друг, а строгите правила го прават уште полесен за ставање клуч на компаниите.
Пазарот на електрична енергија е динамичен, има строги правила и „играчите“ постојано се менуваат, а за регуларностите е задолжен Операторот на пазарот на електрична енергија (МЕМО). Според последната нивна одлука од 1 декември, снабдувачот со струја „Елнор“ заработи опомена пред суспензија. Ако не ги отстрани причините за суспензија до 9 декември, на 11 декември, точно на полноќ, ќе биде исклучен од системот.
Препорачано
„На 28.11.2025 година од страна на Грин грид ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во чија балансна група припаѓа Елнор ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, по електронска пошта до МЕМО ДООЕЛ Скопје – ОПЕЕ е испратено Известување дека снабдувачот нема активен склучен билатерален договор за набавка на електрична енергија за испорака до своите снабдувани потрошувачи со почеток од 1.12.2025 година поради финансиски тешкотии и нема намера да продолжи со снабдување на своите потрошувачи“, извести МЕМО.
Овој снабдувач со струја има блокада на сметка, а сметката му била блокирана и во 2023 година. Но, според податоците од платформата Компанивол, компанијата не е даночен должник. Компанијата лани била во загуба од 163.000 евра, а во 2023 година имала загуба од 105.500 евра. Но, во 2022 година успеала да направи добивка од 20.000 евра.
Последниот ден на октомври, македонскиот пазар на електрична енергија се збогува со уште два учесника. Од пазарот се избриша „Смарт енерги традинг“ затоа што не ја регулираше балансната одговорност.
„Сите преземени, а неизвршени обврски по Договорот за условите и начинот за учество на пазарот на електрична енергија, учесникот на пазарот на електрична енергија е должен да ги изврши и по престанок на статусот на учесник на пазар на електрична енергија, во согласност со член 29 став 3 од Правилата за пазар на електрична енергија и член 13 од Договорот за условите и начинот на учество на пазарот на електрична енергија“, пишува во одговорот од МЕМО.
Од истите причини на 31 октомври се раскина договорот со „АОТ енерџи“.
Енергетските експерти објаснуваат дека и пазарот на електрична енергија е динамичен како и секој друг, а строгите правила го прават уште полесен за ставање клуч на компаниите. Но, овие компании главно се семејни, некои со еден вработен, а некои со по неколку вработени.


