„Слободен печат“ си нарача магистерска за 450 евра!

На социјалните мрежи можат да се најдат огласи за изработка на семинарски, дипломски работи, магистерски трудови, дури и докторски дисертации за одреден паричен надоместок. Нашиот соговорник што се понуди да ни изработи магистерска на тема меѓународно право, дури ни даде и попуст од 50 евра.

– Добар ден, ве молам, би сакала да нарачам магистерска, гледам дека изработувате?

– Да, нема проблем. За која тема станува збор?

– За меѓународно право!

– Нема никаков проблем! Јас имам завршено економски факултет и магистрирано на правен, така што областа ми е позната. Доколку ве земам како приоритетна, би ви била готова за еден месец – ни рече соговорникот.

Вака изгледаше разговорот со непознатиот соговорник, кој имаше оставено мобилен телефон за да го контактираат потенцијални клиенти на кои за одреден паричен надоместок може да им изработи семинарски, дипломски работи, магистерски трудови, дури и докторски дисертации. Соговорникот се претстави како консалтинг-фирма.

Тој ни побара да му ја испратиме пријавата од факултетот за да може да ја види темата што сме ја пријавиле за магистерска. Понуди да ни ја изработи и презентацијата, со гаранција за квалитетот.

– Штом давате пари, барем да бидете сигурна дека плаќате за квалитетна работа. Само темата ви е малку општа, како за докторска работа. Видете, сега сум „фул“ со работа, имам многу закажани нарачки за докторски и магистерски, но не е проблем, ќе ве уфрлам во распоредот – продолжи соговорникот.

Кога го прашавме колку пари ќе нè чини магистерскиот труд, тој нè праша колку страници ни побарале од факултетот. Одговоривме дека се 120 страници.

– Е, да, тоа е стандардната големина. Обично сите ги правам од 100 до 120 страници. За тој обем и за оваа тема, ќе ве чини 450 евра. Најмногу што можам да ви спуштам е 400 евра – попушти соговорникот, кој се претстави и како магистранд на темата „меѓународни односи“.

„Фирмата“ на Фејсбук има податоци за комплетен маркетинг како да станува збор за легален бизнис. Таа нуди „попусти за повеќе нарачани трудови“, опишува дека „магистерскиот труд се изработува по високи академски стандарди“, а клиентите „имаат можност за следење на постапката за пишување во кое било време, 24/7“.

„Стручно и професионално“

И во академските кругови и во средните училишта е јавна тајна дека учениците купуваат дипломски работи, семинарски трудови и есеи. Дејноста е распространета на ниво на бизнис, во кој повеќе лица, претставувајќи се како „фирми“, нудат професионална изработка и се фалат со тоа што трудовите ќе бидат изработени без плагијаторство, „стручно и професионално“.

Социјалните мрежи го откриваат интересот на нашите студенти, за услугите на оние што изработуваат академски трудови за пари. Дел од фирмите се претставуваат како „консалтинг за едукација“, а нудат специјалистички трудови, стручни есеи, студии на случај, проектни работи и едукации, па дури и писмени работи. Како контакт за купувачите најчесто оставаат имејл-адреса, немаат седиште и функционираат директно на интернет. Во неколку групи има оставено и телефонски број со нагласок: „Повелете, нашиот тим ве очекува“ или „Не знаете како да постигнете резултати? Овде сме за вас“. Попустот што ни беше понуден, веројатно е резултат на конкуренцијата на сивиот пазар на интелектуалниот труд.

Професорите се служат со „финти“

Оваа проблематика како никого да не го вознемирува, но академската заедница ја осудува појавата.

Професорката на Филозофскиот факултет, Татјана Стојаноска Иванова, вели дека станува збор за обид да се материјализира она што не е можно да се материјализира, а тоа е интелектот.

– Станува збор за морална хипокризија на оној што ја прави магистерската теза или докторатот. Студентот треба да се надгради, да има развој на научниот дискурс и тоа да биде прикажано во академските трудови. Луѓето што купуваат академски трудови се препознаваат. Стана масовна појава да се купуваат трудови, а уште поперверзно е што и јавно и во огласник и на социјалните мрежи се објавуваат огласи од лица што изработуваат трудови. Ова го гледам и како девалвација на оној што пишува и на оној што купува.

Стојаноска Иванова се прашува дали е мерлив интелектуалниот потенцијал за еден труд да се вреднува 200 или 300 евра.

– Во групи од по сто студенти, речиси е невозможно да се фатат оние што купуваат. Сепак, може да се забележи од некои финеси, дали авторот истражувал, дали ја научил, дали пишувал. Некои студенти се поекстровертни, некои поинтровертни, не можеме секогаш да процениме кој купил – ни рече професорката Стојаноска Иванова.

Таа дополни дека единственото решение го гледа во промена на законите и засилена казнена политика и за тој што продава и за тој што купува интелектуален труд.

Професорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ Димитар Апасиев вели дека во моментов нема законски механизам за да се спречи оваа појава. Апасиев, лично, спроведува свои методи за да се осигури дека студентот барем ја научил тезата од магистерската или докторската презентација.

– Можам да забележам дека сè е педантно направено, со библиографија, по некој терк… Понекогаш се познава дека не е нивна. Во таа бафер зона, ги терам барем да ја научат магистерската, па да ја одбранат. Не знаеме како да се заштитиме – додава Апасиев.

Како МОН лови плагијати?

Од Министерството за образование (МОН) велат дека имаат софтвер Плагијати.мк. Во овој софтвер менторот мора да ги внесе сите магистерски, специјалистички и семинарски трудови. Со ова се формира централна база на податоци, која подоцна може да се користи за да се открие плагијат.

„Плагијати.мк е алатка што помага во откривање на плагијаторството, од огромна база на трудови, но не може стопроцентно да каже дали некој документ е плагијат или не е. Тоа е одлука на менторите. Сепак, студентите не можат да предадат исти или слични трудови на веќе објавените од претходните генерации зашто оваа алатка многу брзо ги открива. Значи мора да направат нешто ново“, велат од МОН.

Наука на фотокопир

Уште една јавна тајна е дека во речиси сите книжарници и фотокопирници покрај студентските домови и покрај универзитетите и факултетите, се продаваат семинарски и есеи. Поновите апарати за фотокопир, автоматски ги зачувуваат ископираните трудови на некој што претходно дошол во фотокопирницата и потоа тие може да му се продадат на некој друг.

Освен за пари, семинарски може да се најдат и за беспари на веб-страницата Семинарска.нет. Тука има семинарски за банкарски сектори, административни такси, анализа на маркетинг-стратегии на винарии и еден куп семинарски од секторите бизнис, маркетинг и менаџмент.

АУДИО Слушнете како „Слободен печат“ си нарача магистерска, овојпат поевтина, за 15.000 денари!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот