„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ НА ФЛОРИДА: Современи трагачи по злато наоѓаат во песокот ролекси од 18.000 долари (ФОТО)

Фото: Слободен печат

Америка се сака, не само поради можностите што ги нуди, слободата што се ужива, богатството што привлекувало мигранти повеќе од еден век, туку и поради ликовите кои ги среќавате на секоја педа.

Еден од нив секако е и Кит Смит (54) родум од северниот дел на Мајами, пензионер и поранешен сопственик на антикварница. Следбеникот на некогашните трагачи по злато од Дивиот запад, денес својот плен го „копа“ по песочните оази на карипските острови, на Флорида и другите ексклузивни плажи каде што луѓето ги губат своите часовници, мобилни телефони, златен накит…

Фото: Слободен печат

Заедно со неговиот партнер Глен Милер (67) ги затекнавме на Мајами бич. Опремени со детектори за метал, капче и маичка за заштита од сонце, со слушалки на ушите, трагаат под вода по нечие загубено богатство или пак по предмети за кои добиле нарачка.

За Американците ова не е невообичаена појава, па никој не им обрнува внимание. Но, јас не сум Американец.

– Добар ден, јас сум Мишел, новинар, може ли да ви поставам неколку прашања?

– Се разбира. Што ве интересира?

Му се претставувам подетално, од каде сум и за почеток го прашувам од кога го прави ова, дали може да се живее од продажбата на тоа што ќе го најде, му плаќа ли такса на градот, колку чини опремата што ја користи…

– Јас ова го правам со години. Колку ќе заработиш, зависи од многу фактори, но јас повеќе го правам од хоби. Не земам пари однапред кога ми нарачуваат да најдам нешто, но редовно ми даваат награда, зашто станува збор за предмети за кои луѓето се емотивно врзани. Не му плаќам ништо на градот. Напротив, ова е моја еколошка акција, а опремата не мора да е прескапа – ја почна својата приказна Кит.

Тој дополни дека си купил куќа на Саут бич во Мајами од неговото моментно хоби. А како и нема, кога се случува во еден ден да најде по 3-4 мобилни ајфон икс, кои во зависност од употребливоста му ги купуваат за 300-400 долари.

Го прашав кои се највредните предмети што ги откопал.

– Часовник Ролекс од 18.000 долари и прстен со 18-каратен дијамант. Ролексот сега го носи мојата сопруга која ми помага следејќи ги огласите за изгубени предмети. Прекрасно е чувството кога ќе усреќите некого. Неодамна најдов прстен на кој беше изгравирано името на училиштето во кое матурирала сопственичката на прстенот. Тој не беше драгоцен за мене, но за неа е богатство. Ја пронајдов жената со мала „истрага”, беше пресреќна кога и го дадов прстенот – ми раскажа.

Фото: Слободен печат

Кит потоа се упати кон својот „колега” Глен кој беше во близина. Ми рече да го „зајадам” и да му кажам дека неговиот помлад соработник нашол уште еден телефон, иако во паузата за ручек веќе го испразнил чантичето со уловот – седум пара очила за сонце, обетка, привезок. Дополнително ќе утврдува дали се вредни или е бижутерија.

– Глен е ветеран во овој бизнис. Го има прошетано цел свет – рече Кит.

Не сакав да го вознемирувам Глен. Беше многу задлабочен. Над појас.

 

Текст и фото: Милорад Стојмановски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот