Скопје ќе го изнедри новиот лидер на СДСМ: Петре Шилегов и Гордан Георгиев влегуваат во игра?

Шилегов се врти во комбинација и за можен мандатар, но и за кандидат за нов лидер на социјалдемократите. ако се вратат „бранковистите“, тогаш Гордан Георгиев е најсериозен кандидат за нов лидер

Новиот лидер на СДСМ ќе се бара од скопското крило на партијата, и тоа во личност што ќе биде прифатлива и за внатрешноста, а која ќе треба да ги обедини двете раскарани крила, брифираат за „Слободен печат“ партиски функционери.

Во политичките кулоари „на големо“ се вртат имиња за можни наследници на Зоран Заев, по неговата најава за повлекување и од премиерската и од претседателската функција во СДСМ.

Прво ќе се договараат за нов мандатар

Се шпекулира дека во игра за нов лидер на владејачката партија, за кои веќе на големо се лобира, се Петре Шилегов, ексградоначалникот на Скопје, потоа заменичката на Заев, Сања Лукаревска, потпретседателот на партијата Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но и функционери што не се од скопското крило, како генералниот секретар Љупчо Николовски и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

И покрај обидите да добиеме потврда дали имаат амбиција да седнат во партиското столчето на Заев, тие или не одговараа или одбија да коментираат. Аргументите на дел од нив се дека прво е важно да се усогласи кој ќе биде новиот мандатар, а потоа ќе следува постапката за избор на нов партиски лидер.

Интересно е дека Шилегов се врти во комбинација и за можен мандатар, но и за кандидат за нов лидер на социјалдемократите. Шпекулациите се засилија откако Шилегов беше присутен на првата средба на Заев со коалициските и со владините партнери по неговата оставка. Кога станува збор за мандатар, тој не би бил спорен за албанските партнери во Владата, со оглед на поддршката што од нив ја доби за локалните избори. Во контекст на можен мандатар и партиски лидер се споменува и Шекеринска.

Нашите извори велат дека иако и Лукаревска се споменува за можна наследничка на Заев, сепак, шансите ѝ се мали. За Николовски и за Филипче коментарите се дека ако имаат амбиции за лидерската позиција, тогаш подобро е „СДСМ да си стави клуч на партијата“.

– Викендов се очекува да бидат свикани Централниот и Извршниот одбор на партијата, со што процесите ќе почнат да течат. Се чека Заев и формално да ја поднесе оставката за да може да почне процесот за избор на нов партиски лидер на непосредни избори – велат од партијата.

Бучковски: Неколку групации покажуваат амбиции да ја преземат партијата

За тоа дали СДСМ по оставката на Заев ќе направи обид да се обедини или допрва ќе се засили расколот во партијата, ситуацијата ја подгреа поранешниот премиер Владо Бучковски, кој за ТВ 21 изјави дека неколку групации покажуваат амбиции да ја преземат партијата, а меѓу нив е и таа на Бранко Црвенковски.

– Бранко не ни крие дека има амбиции. Бранко му нанесе штета на Заев на почетокот на кампањата. И јас се соочив со суетата на Црвенковски во 2006 година. Не случајно голем дел од членовите на СДСМ останаа дома (на денот на изборите – н.з.) – рече Бучковски.

Тој посочи и дека луѓе блиски до Црвенковски работеле на кампањата на Максим Димитриевски, со цел да добие втор мандат за градоначалник на Куманово.

Димитриевски, пак, за „Слободен печат“ вели дека сега главен интерес му е Куманово, каде што добил голема поддршка и има уште поголема одговорност пред граѓаните.

– Се надевам дека СДСМ има демократски капацитет да ги надмине овие состојби и да направи внатрешни реформи за доброто на партијата и за доброто на државата. Партијата не треба да биде заложник на интересите на поединци и тоа треба да се смени за да може да се докаже демократскиот белег на оваа партија – ни изјави Димитриевски.

Од партијата коментираат дека тенденцијата е Димитриевски во догледно време да биде вратен во СДСМ, но не и да биде лидер. Оттаму велат дека Димитриевски и да сака, не може да се кандидира за лидер, бидејќи е исклучен од СДСМ.

Гордан Георгиев – кандидат на „бранковистите“?

Познавачите на партиските случувања во СДСМ велат дека ако се вратат „бранковистите“, тогаш Гордан Георгиев е најсериозен кандидат за нов лидер.

По констатирањето на оставката на Заев од лидерската позиција, во рок од 15 дена Извршниот одбор на партијата треба да распише избори. Информациите се дека ќе има повеќе кандидати за лидерската функција во партијата.

Видео на денот