Скопје допрва ќе го плаќа цехот за кренатото вето од Софија

Бугарскиот премиер Кирил Петков на отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола / 16 април 2022 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Почна оптимистички, продолжи горчливо, а заврши огнено, со пукање во бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид – годината што измина, 2022, во комплицираните македонско-бугарски односи го донесе за нас посакуваното кревање на ветото од 2019 година за преговорите со ЕУ во Брисел, но со замрсен услов за внес на Бугарите во македонскиот Устав, кој можеби надвор ќе ни го отвори пошироко патот на евроинтеграциите, ама сигурно внатре ќе ни ги затвори шансите за обединување на длабоко поделеното македонско општество.

Што ќе донесе 2023 година секако однапред не се знае, но може да се претпостави дека веќе кон крајот на јануари ќе ја имаме првата посериозна билатерална бура откако ќе им истече законскиот рок на здруженијата „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис“ да ги променат своите скандалозни називи, па министерот за правда Никола Тупанчевски ќе мора да донесе решение за нивна ликвидација.

Обврската да го смениме Уставот, категоричното одбивање на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да гласаат за тоа, нивното барање за предвремени парламентарни избори, бугарските клубови со неприфатливи називи и опасноста Софија жестоко да реагира на нивното потенцијално затварање, како и можноста за нови граѓански протести во Скопје против бугаризација, се на некој начин гарант дека во годината пред нас, ако ништо друго, сигурна е голема политичка криза и силни партиски пресметки меѓу власта и опозицијата за тоа кој е за ЕУ, а кој е анти-ЕУ, кој е предавник, а кој вистински патриот итн…

Според аналитичарите Иво Ранѓеловиќ и Благојче Атанасоски, компромисот е тежок и поттикнат од меѓународниот фактор, но, кога веќе е постигнат, треба да се посветиме на европските реформи и да не дозволиме Бугарија и натаму да нѐ уценува.

Кратка надеж, долго разочарување

Тогаш новите премиери, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, лани на почетокот на јануари на првата средба во Скопје посеаја оптимизам за пресвртница дека односите ќе почнат да почиваат на соработка, толеранција, европски вредности, па и пријателство, кога решија едно од дотогаш многу споменуваните отворени прашања 5 плус 1, дека употребата на краткото име Северна Македонија не значи импликација врз територијата на Бугарија, а формираа и пет работни групи за соработка во разни сектори. Надежта за искрено пријателство брзо се истопи, откако веќе во април премиерот Петков лично присуствуваше на отварањето на клубот „Ванчо Михајлов“ , што за Македонците беше тешка провокација, а Еврејската заедница силно го осуди. Потоа следеше договарање на двете МНР и барање на „взаемно прифатлив документ со кој ќе се затворат сите прашања“, кој на крајот се усогласи како билатерален протокол. Овој протокол беше инкорпориран како услов во т.н. Француски предлог со чие прифаќање во Брисел, во Софија и во Скопје, Бугарија во јуни го крена ветото и Македонија условно ги отвори преговорите.

Властите во Софија беа задоволни затоа што „Скопје ги прифати сите наши барања и мора да ги внесат Бугарите во Уставот за да ги почне преговорите“, а во Македонија, исто, беа задоволни, затоа што „преговорите со ЕУ, конечно почнаа, следува билатрелен скрининг во Брисел“. По оваа горчлива епизода владата на Кирил Петков во Софија падна од економски причини, а во Скопје следеа повеќедневни протести против прифаќањето на „францускиот предлог“.

Според политикологот и историчар Благојче Атанасоски, изминатата година македонско-бугарските односи го доживеале својот апогеј.

– Имено, после двегодишното вето од официјална Софија со кое бевме попречени да го продолжиме нашиот евроинтегративен пат, под притисок на меѓународната заедница, односно францускиот претседател Макрон, германскиот канцелар Шолц и американскиот државен секретар Блинкен, беше крената рампата со т. н француски предлог со кој се прифатија во најголем дел бугарските антицивилизациски и антиевропски барања. Јас сум најголем поборник да се почнат преговорите со Унијата, бидејќи сметам дека само на тој начин можат да се помрднат работите од мртва точка и да излеземе од блатото во кое сме потонати три децении, од нашата независност до денес, во сите општествени сфери, но, бев против овој предлог зашто сметам дека наместо да се сосредоточиме на реформи во сите области согласно поглавјата и кластерите на ЕУ, ние целокупната општествена енергија ќе ја трошиме на докажување на етнонационалното потекло на Гоце Делчев и Цар Самуил, но и на плејада други историски личности, настани и дела. Што е катастрофално според мене за односите меѓу двете држави и општества на долг рок во иднина, децении нанапред – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Благојче Атанасоски

Аналитичарот Иво Ранѓеловиќ смета дека повторно во политиката се потврдило дека без интервенцијата на меѓународната заедница земјите од Балканот немаат капацитет за компромис.

– Овојпат тоа беше францускиот предлог, кој освен што го крена ветото, допре и по старите рани, пред сѐ, на нашето општество. Како резултат на истото, антагонизмот помеѓу двете општества е на најалармантно ниво, нешто што политиката тешко ќе го залечи во наредниот период. Ретроспективата на 2022 година демонстрира релативен политички успех поради кревање на ветото преку францускиот предлог, но апсолутен општествен крах во развивањето на добрососедскиот дух кон Бугарија и симпатиите кон ЕУ – оценува Ранѓеловиќ.

Допрва ќе нѐ провоцираат, а на нас е да се фокусираме на реформи

Во Бугарија сѐ уште нема нова влада и неизвесно е дали ќе се формира, а додека траат политичките преговори, трае и грижата на официјална Софија за тоа како се чуваат правата на Бугарите во Македонија, па реакциите на официјално Скопје на скандалозноте клубови и измените на Законот за здруженијата со кои тие треба да ги сменат имињата го гледаат како закана и можност нашата земја да биде претставена како држава која не ги почитува малцинските права.

Ранѓеловиќ очекува дека освен провокациите со клубовите, ќе има и други провокации.

– Низ годината која претстои, најважно е во Бугарија да се формира влада, а во Македонија да поминат уставните измени – иако измените се суштински неоправдани, а стратешки важни. Клубовите се само почеток на процесот за провокации кои ќе произлезат од францускиот предлог. Која било идна влада, вклучувајќи ја и сегашната, не би требала да дозволи реформскиот процес да прерасне во исполнување на бугарски фрустрации, туку во промени со кои ќе го поведат општеството напред. За почеток, поважно е да ѝ погледнеме во очи на корупцијата и правниот систем во новата 2023 година, отколку на судбината на имињата на квази-културни клубови во државава. И, се додека не ги дефинираме приоритетите, секој дочек на Нова година ќе биде веќе виден – вели Ранѓеловиќ.

Иво Ранѓеловиќ

Според Атанасоски отворањето на бугарските клубови со контроверзни историски ликови е исклучиво во насока да се направи сѐ за ветото да остане(ше) и омразата да се мултиплицира.

– Тие луѓе и тие клубови се инструирани, теледиригирани, платени и организирани од странски центри на моќ, од оската Кремљ-Будимпешта-Белград) кои прават сѐ Македонија и останатите земји од Западен Балкан да не влезат во Унијата. Особено не Македонија и Албанија, на пример, да влезат во ЕУ пред една Србија. Моето предвидување е дека и во 2023 година, ќе никнуваат вакви карикатурално-смешни клубови акционерски друштва на трговци-поединци низ сите македонски градови, но ние како држава и како општество треба максимално да ги игнорираме. Да ги пребродиме и овие нагазни мини, кукавички јајца и Сцили и Харибди на нашиот пат кон Унијата и конечно еден ден Македонија да стане полноправна членка на ЕУ. Сѐ друго е пораз за нас прво како држава и граѓани, за американскиот интерес на Балканот, за самата ЕУ, а е победа на Русија, Кремљ и неговите подржници и испостави во централна и југоисточна Европа! – заклучува Атанасоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот