Џефри Епстин / Фото: MediaPunch / BACKGRID / Backgrid USA / Profimedia

Скандалот „Епстин“ се шири: Германија стравува од уцени

Скандалот со Џефри Епстин добива европска димензија – од Велика Британија и Норвешка до Франција и балтичките држави. Германија предупредува на потенцијал за уцена, политичко влијание и безбедносни ризици од документите.

Велика Британија и Норвешка, Франција и балтичките држави: Скандалот околу американскиот сексуален престапник Џефри Епстин се шири и во европските земји. И никој не знае какви сознанија уште ќе произлезат од обемната документација на американското правосудство.

Германската влада внимателно го следи анализирањето на т.н. „Епстин-документи“. „Тие, секако, имаат политичка компонента, и затоа внимателно се набљудуваат“, изјави портпаролот на владата Штефан Корнелиус на прес-конференција во Берлин. „Гледаме што излегува на виделина во други земји, односно какви политички последици има таму.“ Владата ја следи дебатата и расправата што се води.

Јасно е, и Корнелиус тоа и го нагласи – доколку од документите произлезат аспекти што се релевантни за германското кривично право, за тоа се надлежни истражните органи, а не сојузната влада. „Сојузната влада не е истражен орган.“ Кривични постапки, рече портпаролот, „во моментов не ми се познати“.

„Значителен потенцијал за уцена“

Пратениците во Бундестагот кои се запознаени со безбедносни прашања во својата проценка одат уште подалеку. „Во несогледливите махинации на Епстин очигледно биле вмешани високорангирани носители на одлуки од општеството, економијата и политиката“, изјави претседателот на Парламентарната контролна комисија (ПКГр), пратеникот од ЦДУ, Марк Хенрихман, за „Ханделсблат“. Со тоа откритијата нудат „значителен потенцијал за компромитација и уцена“. Треба да се испита дали поради тоа можеби биле донесени одлуки „на штета на безбедноста на Германија и Европа“.

Членовите на ПКГр треба да ги контролираат разузнавачката служба БНД, Воената служба за контраразузнавање (МАД) и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ). Затоа сојузната влада е обврзана да го информира телото за настани од особено значење. Бундестагот, според Хенрихман, ќе им ги постави „неопходните прашања на надлежните безбедносни служби“.

Кралски семејства и европски политички врски во фокусот

Во моментов медиумското внимание во Германија се фокусира на спомнувањето конкретни имиња во досиејата на Епстин или на нивното појавување на фотографии. Британското и норвешкото кралско семејство се во центарот на извештаите и признаваат врски на поединечни членови.

Но, според мислењето на германските политичари, систематската анализа на обемната документација треба да оди подалеку од наводните контакти на поединечни лица. Станува збор за прашањето дали преку мрежата и врските на Епстин било вршено политичко или економско влијание.

Претходникот на Хенрихман на функцијата претседател на ПКГр, политичарот од Зелените, Константин фон Ноц, инсистира на брза реакција. Сојузната влада мора да даде информации до кој степен германските разузнавачки служби и другите безбедносни органи имале сознанија за делата на Епстин и за заднината на „експлоататорските, криминални или педокриминални мрежи“, како и за нивните меѓународни врски, изјави заменик-претседателот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот.

Разоткривање и уценување

Еден поим што во известувањето за документите на Епстин добива на значење е „компромат“. Тој означува материјал со кој некој може да биде разоткриен, да му се наштети, да се демаскира или да се уценува. Сосема е можно германските служби да немале информации за поединечни Германци, но да знаеле за „компромат“ против други актери.

Портпаролот за внатрешна политика на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Себастијан Фидлер, во изјава за „Ханделсблат“ се изјасни за претпоставките околу можна разузнавачка димензија на случајот. Тој се повика на сомнеж изразен од полскиот премиер Доналд Туск, според кој би можело да станува збор за руска операција на влијание. Тоа би „отворило бројни дополнителни прашања што нè засегаат и нас тука“. Со оглед на „бројните испреплетувања во европските центри на моќ“, можно е „таква поврзаност да постои и со Германија“.

Во врска со целиот случај Епстин, политичарот од СПД зборува за форма на „најтежок организиран криминал“ што преку државните граници ги инфилтрирал институциите, економијата и културата.

Портпаролот на владата Корнелиус ги нарече шпекулациите околу досиејата на Епстин и можниот потенцијал за уцена сè уште „многу хипотетички“. Тој ќе почне да се „грижи дури кога ќе стане конкретно“.

Три милиони документи со затемнети делови – што сè уште не е објавено?

Темата, сепак, ќе ги окупира експертите уште долго и ќе поттикнува политички шпекулации. Затоа што далеку од тоа дека се објавени сите документи, мејлови, фотографии и видеа од архивите на американското правосудство. Околу три милиони документи што досега се достапни содржат затемнети (редактирани) делови. Дури сега на претставниците на Претставничкиот дом на САД им е дозволен увид во документи без затемнувања.

На пошироката општествена димензија на досиејата Епстин, надвор од започнатата дебата, укажува етичарот Петер Даброк од Универзитетот Ерланген-Нирнберг. Сè појасните детали предизвикуваат и во Германија „да бидеме целосно згрозени“. Но, со оглед на монструозните размери на случајот, повеќе може да се очекува резигнација отколку конкретна политичка реакција.

„Реполитизација наместо целосна огорченост“

Даброк, кој предава теолошка етика и од 2016 до 2020 година беше претседател на Германскиот совет за етика, во разговор за ДВ предупредува на слабеење на демократијата. Обемот на информациите и наводните поврзаности во досиејата на Епстин се вознемирувачки. Огорченоста речиси ги маѓепсува луѓето, без притоа по скандалот да се слуша повик за политички последици. На тоа искушение не смее да му се подлегне, вели Даброк. Треба „да се види како ќе се одбрани правната држава и како ќе се постигне реполитизација преку зајакнување на демократскиот ангажман“.

Станува збор за инсистирање на транспарентност и на демократски легитимирани процедури. Притоа мора да биде јасно: транспарентноста формално се задоволува со објавувањето на досиејата на Епстин, но фактички се поткопува поради обемните затемнувања (редакции). Затоа нивната публикација е и повик за будење – повторно да се размисли за ефективна транспарентност во ерата на дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Џефри Епстин (1953–2019), инвестициски банкар и сексуален престапник првпат осуден во 2008 година, наводно со децении злоупотребувал повеќе од илјада малолетници и млади жени, а дел од нив ги „препраќал“ на познати личности. Во 2019 година, еден месец по неговото повторно апсење, беше пронајден обесен во својата затворска ќелија во Њујорк. Официјално се самоубил, но шпекулациите околу околностите на неговата смрт траат до ден-денес.

Извор: DW/ Автор: Кристоф Штрак

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот