Жозе Мурињо/EPA-EFE/CLAUDIO PERI

Сите го преселија во Реал Мадрид, а Мурињо вели: Останувам во Бенфика 99%

По бројните шпекулации дека Жозе Мурињо би можел да го наследи Алваро Арбелоа на клупата на Реал Мадрид, португалскиот стратег конечно јавно проговори за можноста за враќање на „Сантијаго Бернабеу“.

Иако шпанските медиуми „Марка“ и „АС“ веќе го претставија неговото враќање како речиси завршена работа, Мурињо на прес-конференција во Лисабон испрати многу повнимателна порака, ставајќи акцент на актуелниот ангажман во Бенфика и покрај сезоната која не ги оправда очекувањата на навивачите на „Луж“.

Португалецот откри дека и натаму има важечки договор со лисабонскиот клуб, но и можност за евентуално заминување.

„Имам договор на уште една година. Никој не ја принуди Бенфика да го продолжи, но со тоа што не го финализиравме продолжувањето, оставивме отворена клаузула уште неколку дена, што ми дава можност да заминам ако така одлучам“, изјави Мурињо.

Според неговите зборови во овој момент најреално сценарио е да остане тренер на португалскиот гигант.

„Постојат 99 проценти шанси да останам во Бенфика, бидејќи имам договор со клубот, а покрај тоа добив и понуда за продолжување на соработката. Сè уште лично не сум ја разгледал, но мојот агент ми кажа дека станува збор за одлична понуда. Од Реал Мадрид досега немам добиено ништо конкретно. Нема потпишан договор, нема официјална понуда, ниту разговори со претседателот или со луѓе од клупската структура. Единствената реална и конкретна работа во овој момент е понудата од Бенфика“, порача Португалецот.

И покрај тоа, Мурињо не ја затвори целосно можноста повторно да седне на клупата на „кралскиот клуб“. Тој истакна дека евентуалниот ангажман би зависел од визијата на клубот и улогата што би му била доверена.

„Сè зависи од понудата и од тоа што се очекува од мене. Не станува збор за пари, туку за проектот, за очекувањата и дали можам да ги исполнам. Сакам да имам време добро да размислам и сам да донесам одлука. Немам договор со Реал Мадрид и немам официјална понуда, но нема да кријам дека мојот агент ми спомна дека може да се појави сериозна можност и затоа треба да почекаме и да видиме“, додаде Мурињо.

Мурињо со Бенфика не загуби цела сезона, но не дојде ниту до место во Лигата на шампионите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот