Сите бараат решенија, Мицкоски избори

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Во време кога државата е во длабока здравствена, финансиска, енергетска и економска криза, лидерот на опозицијата, наместо да понуди некакви решенија, наместо да покаже доблест за соработка, тој, водејќи се од личните и тесни партиски интереси, запнал за предвремени избори. Каква небулоза.

Време е за предвремени избори! Ви звучи познато? Секако! Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од уста не ги извади овие зборови откако застана на челната позиција на најголемата опозициска партија. Постојано вергла за предвремени избори, а тие никако да се случат. Очигледно затоа што имаме Влада која е одлучна да го истера четиригодишниот мандат и целите што си ги задала пред себе. Мицкоски заборава дека Груевски повеќе не е на власт и дека избори не мора да се распишуваат на секои две години.

Во време кога државата е во длабока здравствена, финансиска, енергетска и економска криза, лидерот на опозицијата наместо да понуди некакви решенија, наместо да покаже доблест за соработка, тој, водејќи се од личните и тесни партиски интереси, запнал за предвремени избори. Како во државава сѐ да средивме, дојде ред уште пржинската влада да ја укинеме и Мицкоски да го прогласиме за премиер. Каква небулоза.

Деновиве само слушаме како од белата палата трубат за некакво предавство кое ни го подготвил „пионот на Заев“, Димитар Ковачевски во преговорите со Бугарија. Се редат изјави од типот: „Наместо претстава и глума, народот треба да знае со какви позиции настапува пионот Ковачевски во Софија по однос на македонскиот јазик, историја и идентитет“.

Па, имавте шанса да дознаете, но не сакавте. Очигледно така ви одговара, инаку ќе немате со што да го потпалувате своето членство. Само што стапи на функцијата премиер, Ковачевски изјави дека ќе го покани Мицкоски на средба, за заедно, како политичари со добри манири, да седнат и да разговараат за актуелните прашања, да најдат решенија за закони од интерес на граѓаните. Но, очигледно ваквите манири на Мицкоски не му се познати, па експресно му одговори: Ќе седнеме, ама ако зборуваме за предвремени избори! И, што да му одговори човек на тоа? Село гори, Мицкоски се чешла.

Тој сакал на избори, бидејќи јавното мислење покажувало дека народот е за него, народот сакал да го види него како премиер. Па дури и си нарачал анкета според која има „до три и пол пати поголем рејтинг од претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и два пати поголем рејтинг од експретседателот на СДСМ и на Владата Зоран Заев“. Уште се мери со Заев, иако Заев замина од политиката. Замислете, имал три и пол пати поголем рејтинг од Ковачевски, а Ковачевски уште не ја ни загреал премиерската фотелја. Ете со тоа се занимава Мицкоски, лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија.

И сето ова го прави во време додека Ковачевски и неговиот тим од петни жили се обидуваат да ја одблокираат македонската евроинтеграција, да седнат и да разговараат со Бугарија, да се најде заедничко решение за надминување на проблемот со бугарската блокада. Завчера кога владина делегација во духот на пријателството замина за Софија на разговори, ВМРО-ДПМНЕ ја бомбардираше јавноста со барањето за укинување на пржинската влада. Не слушнавме ниту еден охрабрувачки збор за меѓувладината седница.

Но, тоа е што е. Ковачевски на почетоков делува како амбициозен политичар кој има намера и одлучност да ја води државата напред. Се надевам дека ќе истрае во намерата и дека ќе успее да ја извлече државата од кризата во која се наоѓа. Исто така се надевам дека нема да потклекне на барањата на неговиот опонент за предвремени избори, бидејќи тоа е она што најмалку ни треба. Државната каса не треба да трпи непотребни трошоци. А Мицкоски и понатаму нека си пее иста песна. Додека има кој да му ја слуша.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот