Системот на Фондот за здравство не работи, во аптеките само приватни рецепти

Кусото соопштение на веб страницата на ФЗОРСМ е дека нивните електронски услуги се соочуваат со технички проблеми и дека набрзо ќе бидат отстранети
Системот на Фондот за здравство во целата држава не работи од вчера, не може да се провери здравственото осигурување и рецепти може да купат само на приватно. Граѓани кои се јавија во редакцијата на „Слободен печат“, реагираат дека е недозволиво да нема никаква информација, бидејќи се работи за суштествена институција. На веб страната на ФЗОРСМ има кусо известување дека електронските услуги се соочуваат со технички проблеми.
-Почитувани, во моментот електронските услуги на Фондот за здравствено осигурување се соочуваат со технички проблеми и се работи што е можно побрзо истите да бидат во функција – стои во кусата објава на веб страната на ФЗОРСМ.
Освен оваа реченица, нема подетално објаснување за каков технички проблем станува збор, а повеќе граѓани велат дека им било речено дека системот ќе биде надвор од функција во наредните два дена, па дури и дека нема да работи до понеделник? Неофицијално не се работи за хакерски напад, туку дека се прави промена на серверите, кои се постари од десет години.
Без разлика за видот на проблемот, најголем проблем е што деновиве матичните лекари не може да издаваат рецепти, граѓаните ќе мора да купуваат лекови на приватно, па потоа да чекаат да им бидат рефундирани парите.
-Веќе два дена се обидувам да се пријавам за здравствено осигурување, но системот не им работи. Ми рекоа да дојдам во понеделник- вели еден тазе пензионер за „Слободен печат“.