Фото: Приватна архива

Синот на Игор Кралевски со идентично деби како и неговиот татко – на „Максимир“ против Динамо Загреб!

Фудбалот понекогаш знае да напише приказни што не можат да се режираат ниту во филм. Пред точно 21 година, македонскиот дефанзивец Игор Кралевски направи голем чекор во својата кариера, преминувајќи од Работнички во Хајдук Сплит, клуб кој тогаш беше предводен од легендарниот хрватски стратег Мирослав „Ќиро“ Блажевиќ. Само една недела по пристигнувањето во далматинската фудбалска гордост, Кралевски доби шанса за дебитантски настап на најголемата сцена – дербито на „Максимир“ против вечниот ривал Динамо Загреб.

Судбината посака две децении подоцна, на истиот стадион и против истиот противник, да се појави нов фудбалер кој на дресот ќе го носи презимето Кралевски. Синот на Игор Кралевски, Теодор овој викенд, го запиша своето деби во дресот на Локомотива Загреб токму против Динамо на „Максимир“, продолжувајќи ја фудбалската приказна што неговиот татко ја започна пред 21 година на истото место.

Фото: НК Локомотива Загреб

Кралевски јуниор против Динамо Загреб ги одигра сите 90 минути, играјќи на централната стоперска позиција и командувајќи со одбраната на Локомотива, која остана несовладана и одигра реми без голови со шампионот на Хрватска. Со сигурна и зрела партија, младиот дефанзивец покажа дека пред себе има голема иднина и достојно го продолжува фудбалскиот пат на својот татко.

Инаку Теодор Кралевски е 18-годишен фудбалер кој важи за еден од најталентираните млади дефанзивци во Хрватска. Теодор е роден и израснат во Сплит, а веќе настапува за репрезентацијата на Хрватска до 19 години, каде остава одличен впечаток. Теодор поседува и македонски пасош, а интерес за него покажува и Фудбалската федерација на Македонија, која внимателно го следи неговиот развој со желба во иднина да го види во „црвено-жолтиот“ дрес.

Преземено од: Sport.com.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот