Шон Ленон / Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Синот на Џон Ленон стравува дека младите генерации ги забораваат „Битлси“: „Давам сè од себе луѓето да не го заборават татко ми“

Синот на легендарниот Џон Ленон, Шон Оно Ленон, отворено зборува за својата загриженост дека помладите генерации сè помалку се поврзуваат со музиката и пораките на „Битлси“ и со наследството на неговите родители – Џон Ленон и Јоко Оно.

Во интервју за Си-би-ес, Шон (50) изјави дека, со оглед на тоа што Јоко Оно има 92 години, тој „технички“ ја презел улогата на чувар на наследството на својот татко.

„Секако, и светот е чувар на неговото наследство. Јас само давам сè од себе за да помогнам младите генерации да не ги заборават ‘Битлси’, Џон и Јоко. Така ја гледам мојата улога“, вели тој.

На прашањето дали навистина е можно луѓето да ги заборават, Шон искрено призна: „Да, мислам дека е можно. А порано никогаш не мислев така“.

Џон Ленон и Јоко Оно / Фото: mediadrumimages/TopFoto / Media Drum World / Profimedia

Џон Ленон, заедно со Пол Макартни, Ринго Стар и покојниот Џорџ Харисон, стекна светска слава во шеесетите години како дел од „Битлси“. По распадот на групата во 1970 година, Ленон започна солистичка кариера и соработуваше со Јоко Оно сè до својата трагична смрт во 1980 година, кога имаше само 40 години.

„Моите родители ми дадоа толку многу што чувствувам дека најмалку што можам да направам е да го чувам и поддржувам нивното наследство додека сум жив. Тоа е длабоко лична работа“, вели тој.

Тој го опишува наследството на своите родители како „мир и љубов“, но додава дека станува збор и за став кон активизмот – активизам што се темели на хумор, емпатија и човечност.

Еден од начините на кои Шон го одржува тоа наследство е преку песната „Happy Xmas (War Is Over)“ од 1971 година. Првично создадена како антивоен протест против војната во Виетнам, песната денес е препознатлива како празничен класик. Заедно со поранешниот аниматор на „Пиксар“, Дејв Малинс, Шон создаде краток анимиран филм „Војната заврши“ (War is Over!), инспириран од песната. Филмот, кој прикажува двајца војници од спротивни страни како играат шах, ја освои наградата Оскар за најдобар краток анимиран филм во 2024 година.

Приказната за Џон и Јоко е раскажана и во новиот документарен филм „Еден на еден: Џон и Јоко“ (One to One: John & Yoko), кој се фокусира на нивната прва година во Њујорк и концертот во Медисон Сквер Гарден во 1972 година – нивниот единствен целосен заеднички концерт.

„Тоа е мојата приказна за потеклото. Ако размислите, тие дојдоа во Њујорк и тоа е единствената причина зошто јас постојам“, вели тој.

Шон е роден во Менхетен во 1975 година, а гледањето на досега невидени домашни снимки за него претставува „уште неколку моменти поминати со татко ми“, кои имаат огромна лична вредност.

Наследството на „Битлси“ ќе добие и нова филмска интерпретација преку проектот „Битлси – филмски настан во четири дела“ (The Beatles – A Four-Film Cinematic Event), во режија на Сем Мендес, чија премиера е најавена за 2028 година. Секој од четирите филма ќе ја следи приказната на различен член на бендот: Харис Дикинсон ќе го толкува Џон Ленон, Пол Мескал – Пол Макартни, Џозеф Квин – Џорџ Харисон, а Бери КиганРинго Стар. Улогата на Јоко Оно ќе ја игра Ана Саваи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот