Синдикатите повикаа на штрајк во „Фолксваген“
Најголемиот германски синдикат ИГ Метал ги повика вработените во сите фабрики на „Фолсваген“ во Германија да престанат со работа, пренесува Хина.
Препорачано
„Во понеделник ќе започнеме предупредувачки штрајкови во сите погони. Колку долго ќе траат штрајковите зависи од тоа како раководството на „Фолксваген“ ќе се однесува на преговарачката маса“, изјави Торстен Грогер, претставник на ИГ Метал во преговорите со „Фолксваген“.
Раководството на „Фолксваген“ ја одби понудата на синдикатот за намалување на трошоците. Грогер рече дека ова, доколку е потребно, ќе бидат најжестоките преговори што „Фолксваген“ некогаш ги доживеал.
ИГ Метал бара зголемување на платите, но покачувањето нема да им се исплати на работниците, туку ќе се уплаќа во посебен фонд од кој би се финансирале намалувања на платите во случај на најавено намалување на работното време. ИГ Метал исто така бара гаранции дека нема да има отпуштања. Раководството на „Фолксваген“ пред неколку недели објави дека поради намалувањето на побарувачката, особено на електричните автомобили, било принудено да воведе намалено работно време, како и затворање на цели погони во Германија. Освен „Фолксваген“, во криза се и другите германски производители на автомобили поради слабата побарувачка на електрични автомобили, во чие производство компаниите вложија големи суми пари, објави Ал Џезира Балканс.


