Сиљановска-Давкова: Ние да им се посветиме на реформите, а ЕУ да покаже јасна стратегија за македонското членство
„Да им се посветиме на реформите, не поради „политичката волја” за уставните измени, туку заради владеење на правото“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Препорачано
Укажувајќи на неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја во државава, претседателката истакна дека ние досега манифестиравме енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ.
Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
Годинешните оценки за земјава, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.
Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите.
Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции, со оглед на законската гаранција за родово неутрална квота.
На седницата се обратија евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.


