„Шверцерите“ ја почнаа кампањата на ДУИ
Го стартуваше ли ДУИ изборниот караван за предвремени парламентарни избори директно од МНТ со помош на навивачката група на ФК Шкупи, Шверцери? Вчерашниот ден помина во изјави оркестрирани од истурените функционери на интегративците, на министерот за образование Арбр Адеми, вицепремиерот Бујар Османи и пратеникот Артан Груби, во кои наместо осуда за инцидентот, осудата пристигна на адреса на јавноста, бидејќи „од секоја ситуација создавала услови за дебата која можела да повлече меѓуетнички тензии“. ДУИ не ги виде, ниту на лице место во МНТ, ниту на објавените снимки направени од медиумти, расклатените столчиња, откорнатите лајсни и орнаменти од ѕидовите, скинатите теписони и расфрланте догорчиња од цигари на црвениот теписон.
Препорачано
– Не треба од секоја ситуација да создадеме предуслови за некаква си дебата која може да повлече меѓуетнички тензии. Ако навистина немало демолирање како што видовме во извештаите, туку имало само гласно славење, треба да констатираме дека не било најсреќно решение за таква прослава и да се научи лекцијата можеби за следниот јубилеј – рече Османи.
Ваквото однесување и обвинување за меѓуетнички тензии, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски ја гледа во неспособноста на ДУИ да се трансформира од етничка во граѓанска партија и дека во моментов нема што друго да им понуди на гласачите освен националистичка реторика.
– Кај етничките партии спиралата на ветувања има крај и со тоа ја губат причината за постоење. За разлика од граѓанските кои имаат секогаш по нешто да ветат. ДУИ ова не го сфати навреме. Не се трансформиаше во граѓанска партија и сега нема што да понуди, со тоа ги изгуби причините за своето постоење. Етничките барања им ги исполнија, делумно ВМРО-ДПМНЕ и целосно СДСМ. И сега спасот во предизборниот период од ДУИ треба да очекуваме дека ќе се служи со екстремизам. Наместо да ги смириат тензиите, тие ги подгреваат – вели Божиновски.
Според Божиновски, целата неспособност на ДУИ во изминативе 17 години деновиве испливува на површината, бидејќи освен етничките, не придонесе ништо за општеството.
– Сега, кога им се исполнети сите барања, сакаат да се наметнат како главен одлучувачки фактор во државата мислејќи дека на таков начин ќе придобијат гласачи. Она што се случи завчера во МНТ со навивачката група на ФК „Шкупи“ беше потенцирање на нивната политичка моќ – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
И Министерот за образование Арбр Адеми вчера не го осуди инцидентот.
– Се додека нема говор на омраза, радоста, среќата, јубилеите ќе ги славиме како што сакаме – рече Адеми.
Пратеникот Артан Груби посочи дека станувало збор за политичка хајка и предизборна кампања.
– Јас не сум организатор на настанот но морам да истакнам дека театарот му припаѓа на народот, не е ни вмровски ниту сдсмовски, па ниту на фелата, граден е со наши пари и им припаѓа на граѓаните. Дивеење е упадот во Собранието на 27 април, а не прослава на навивач, каде што се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам и насилство кое што би го осудил во секој момент – рече Груби.
Навивачката група „Шверцери“ во соопштението напишаа.
„Ние сме навивачи и навивањето е нашиот живот, нема друг начин на навивање од скандирање и пеење песни, тоа и го направивме таа вечер, без никакво дивеење, кршење, со ниту еден навредлив збор, а камо ли говор на омраза“.
Само премиерот Зоран Заев порача дека ако во театарот има штети, тие мора да се платат. Претходната власт од буџетот на граѓаните за МНТ плати 40 милиони евра. Колку граѓаните ќе платат за штетата напраена од „Шверцерите“ пуштени од ДУИ во МНТ, допрва ќе се пресметува. Јавноста дополнително прашува, ќе понесе ли некој одговорност?


