Што прави денеска: Верица Мукоска, писателка, уредничка и истражувачка

Верица Мукоска,
Верица Мукоска / Фото: Приватна архива

Верица Мукоска е македонска писателка, уредничка и истражувачка. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности, каде што продолжила и втор циклус студии по македонска книжевност.

Почнала да развива љубов кон пишаниот збор уште како дете, а во 2009 година, во издание на издавачката куќа „Бата Прес“ ја објави првата стихозбирка за деца „Стихови од срцето на природата“. Романот „Дневникот на длабоките тајни“ е нејзино прво прозно дело, а „Равенка на стравот“ е нејзиниот најнов роман што се промовираше на минатогодишниот Саем на книга. Наскоро ќе излезе од печат нејзината најнова стихозбирка „Тајнописец“.

Мукоска е и уредничка на најстарото списание за литература, култура и уметност „Современост“. Активно соработува со Катедрата за македонска книжевност и култура каде што одржува вежби по неколку предмети.

Верица Мукоска
Верица Мукоска / Фото: Приватна архива

Ја прашавме Верица како приближно изгледа еден нејзин ден…

– Ќе почнам од утринското уживање: вода со лимон, кафе и книга е рутина што ја практикувам уште од почетокот на моите студентски денови. Во последниве неколку месеци, поради брзото темпо и многуте обврски, од утрински ритуали го издвојувам мојот појадок пред компјутер (протеински напиток, мусли, овошна салата), отворање е-пошта и список на ангажмани за претстојното пладне. Тоа е она што ми дава енергичност и креативност за моите работни и лични обврски, кои најголем дел од времето се поврзани со мојот книжевно-уметнички елан.

Истражување, пишување, читање, уредување текстови, скенирање, фотографирање, подготвување јавни говори. Морам да признаам дека летово максимално го посветувам на моите професионални надградувања. Расплинета сум на повеќе места, но сиот фокус е во рамките на она што е мое најголемо животно хоби, она што ми е водилка во животот и мотив за кариерен развој – книжевноста.

Верица Мукоска
Верица Мукоска / Фото: Приватна архива

Попладне ги извршувам моите ангажмани како уредничка, потоа продолжувам со процесот на дигитализација на старите броеви на „Современост“ и културните проекти, па правам пауза во домашната градина и… Комуникација со моите соработници и професори/ки од Катедрата за македонска книжевност и култура. Во вечерните часови најчесто издвојувам по триесетина минути за вежбање.

Со оглед на обврските периодов и на тоа што сум „ноќен тип на човек“, ретко излегувам во текот на денот, дружбата со семејството и со блиските луѓе со кои комуницираме секојдневно, си ја дозволувам по 18 ч. Без нив не би стигнала до ова што сум денес, затоа им дадов ветување дека од септември двојно ќе ги просветлиме нашите моменти.

Верица Мукоска
Верица Мукоска / Фото: Приватна архива

Доцните вечерни часови ги посветувам на истражувачките теми за моите постдипломски студии. Деновиве сум ангажирана за културните настани во Вевчани, а постојано сум во тек и со настаните и промоциите што се одржуваат и во другите градови.

Накратко, ова се работите без кои не можам да си го замислам еден мој ден, работи што ми носат кариерен блесок, трајно задоволство и животна благодат. На крајот од денот, најважно е секој да си го сака својот живот, да си го следи својот пат и да си го цени своето време и времето со најблиските.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот