Што прави денеска: Никола Ефтимов, моден дизајнер

Никола Ефтимов/ Фото: Експо.30/Ани и Дими/Моден викенд Скопје

Доајенот на македонската мода, Никола Ефтимов, на публиката ѝ е познат по својата уникатност и специфична впечатливост вткаени во секоја негова модна творба и дизајн, со што остава единствен моден печат. Покрај големиот број самостојни и групни модни презентации во земјава, Ефтимов учествувал на модни ревии во странство и бил дел од различни модни проекти. Во текот на долгата кариера, Ефтимов работи како костимограф за избрани премиерни поставки во неколку театри и фестивали во земјата. Неговиот сестран талент е речиси неповторлив… Повеќедецениското искуство опфаќа работа како дизајнер во модната индустрија, дизајн-студија, дизајн-платформи и интернационални сервиси за модни предвидувања во земјата и странство, ликовен уметник, костимограф на театарски претстави, музичко-театарски перформанси, балетски претстави, редовно презентирање модни колекции…

Никола Ефтимов/Фото: Ани и Дими

Никола Ефтимов денеска ни раскажа како изгледа едно негово секојдневие.

„Периодов изминуваат последните денови од празничниот распуст, па се обидувам, покрај сите тековни обврски, да се одморам, но и да се подготвам за продолжување со моите предавачки и дизајнерски ангажмани. Вообичаено, денот започнува со утринското кафе, комуникација со пријателите низ светот и семејството, а потоа, откако јас ќе се средам, го изнесувам кучето на прошетка.

Никола Ефтимов/Фото: Приватна архива

Со поголемите проекти завршив на крајот на минатата година, па изминатите десетина денови можам да си го дозволувам луксузот мирно да го минувам времето во готвење на некое веганско јадење, попладневно пиење чај и грижа за растенијата кои живеат во различни медиуми и услови и имаат различни потреби. Редовните прошетки со Пламен, моето вдомено куче, се убава можност за физичко раздвижување, но и за средување на мислите.

Никола Ефтимов/Фото: Приватна архива

Наскоро повторно ми започнуваат предавањата во Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, па, според досегашното сработено, ги планирам следните обврски, работам на ревизија на презентациите за предавањата, но и на одредени проекти од важност за Институтот.

Никола Ефтимов/Фото: Интернационалниот институт за мода Изет Цури

Дел од денот е посветен на музиката, читањето или едноставно уживањето во квалитетни репродукции на уметнички дела, како алтернатива на поинтензивното патување и посета на уметнички музеи и галерии, со оглед на тековната ситуација кај нас и во светот. Редовно се регистрам за следење на различни вебинари за визуелна уметност, мода и културата воопшто, организирани од водечки светски институции.

Никола Ефтимов/Фото: Приватна архива

Како верник, делови од денот ги посветувам на молитвата и медитацијата, иако, во суштина, молитвата е непрекината, без разлика дали е структуирана или спонтана, како чувство на благодарност, комуникација, молба, мигови на тишина итн.
Навечер повторно се враќам на комуникацијата со драгите луѓе преку социјалните мрежи, кои за мене се (најчесто) визуелен дневник, или преку други средства за комуникација.

Постојано се трудам да го завршам денот со некое добро интервју, концерт, документарен филм и слично, од богатата интернет-архива и одморам со позитивна мисла.“

Никола Ефтимов/Фото: Ани и Дими

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот