Што прави денеска: Надица Петрова, актерка

Надица Петрова
Надица Петрова / Фото: Приватна архива

Надица Петрова е млада актерка што успешно ја гради својата кариера. Дипломирала театарски уметности поточно актерска игра на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје. По своето образование почнува да посетува многубројни работилници за проширување на своето знаење кај нас и вон границите на нашата земја.

Покрај театарските ангажмани, Надица македонската јавност пред неколку години ја виде и во улога на водителка на ТВ-емисијата „Неделно попладне“ на МРТВ, работела и сè уште работи на синхронизација на анимирани филмови и ТВ-серии, најразлични реклами и слично.

Во 2020 година го основаше и е претседателка на независниот театар „Златен Елец“ во Скопје, во чиј склоп почна да прави и стендап шоу.

Надица Петрова
Надица Петрова / Фото: Приватна архива

Ја прашавме Надица како изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа.

„Спонтано е начинот според кој главно се одвива еден мој ден. Секој ден ми е различен од другиот, веројатно бидејќи избирам да живеам слободно (според некоја моја дефиниција), а рутината во што било, ми прави опресија и страв најверојатно. Можеби е чудно, но немам ниту еден ритуал во овој период. Некогаш пијам кафе, некогаш чај, некогаш по една ракија, некогаш дома, некогаш во кафуле, кафеана, бар, парк… Пиењето вода не го ставам во тие рамки бидејќи мислам дека е нужно исто како и дишењето воздух.

надица петрова
Надица Петрова / Фото: Константин Качев

Еве размислувам, и освен разговорите и дружбите што ги водам самата со себе, како и со моите пријатели/фамилија кои ми се најголемото богатство во животот, не можам да издвојам ништо што го правам баш секој ден. Можеби е така поради тоа што во последнава веќе година, немам некоја фиксна работа и живеам од хонорарни ангажмани поврзани со мојата професија какви што се театарските претстави, снимања, настани и синхронизации на цртани филмови и телевизиски серии и реклами, а сѐ ова е повремено, и се договара во истиот, еден ден, или неколку денови претходно (проби, состаноци, читања…). А за настапи на претстави што веќе редовно се играат, како и за фестивали, се договара најчесто со месеци порано.

Надица Петрова
Надица Петрова / Фото: Приватна архива

Моментално имам испланирано датуми за настапи до средината на јуни, како и за некои датуми од септември. Уште нешто што сигурно секој ден го правам е изразувањето на мојата креативност и правење нешто убаво. Може да биде некој превкусен вегетаријански оброк, чистење на домот, истегнување и будење на телото со некоја вежба што ми прави фино чувство, читање на нешто интересно, гледање на филм, пишување некој проект, драмски текст, поезија, приказна, сликање на платно, или едноставно движење пеш или со велосипед низ улиците и парковите разгледувајќи ја природата и луѓето поврзувајќи се и учејќи за себеси и светот. Денот ми завршува кога ќе сакам да си легнам, и тогаш што и да правам, го оставам, легнувам, контемплирам искуство од денот и заспивам.

И да, премногу е добро за да биде вистина без да си признаам дека има една работа што, ете, често несвесно ја правам речиси секој ден. А тоа е бескорисното „скролање“ на мобилен на некоја од социјалните мрежи што е тотално лудо според мене. Се разбира свесна сум и за убавите работи што може да ги пружи таа виртуелна реалност, но сепак за мене човекот е жив, а животот вистинит само во сегашниот момент и затоа сакам што повеќе да го живеам во живо. Благодарам за можноста да си го поставам ова навидум едноставно, но сепак многу длабоко прашање.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот