Што прави денеска: Ива Дамјановски, пијанистка и поетеса

ива дамјановски
Ива Дамјановски / Фото: Маја Аргакијева и Игор Аврамоски

Ива Дамјановски e дипломирана пијанистка и поетеса. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и моментално посветено работи на своите магистерски студии на Универзитетот во Болцано на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност во рамки на УКИМ во Скопје.

Зад себе веќе има две збирки поезија насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Во 2020 година ја доби престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“. Ива воедно е дел и од бендот „Алембик“ заедно со Виктор Танасковски.

Ива Дамјановски
Ива Дамјановски / Фото: Маја Аргакијева

Ја прашавме Ива како приближно изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа.

„Денот ми почнува со паника и чувство на вина, затоа што најверојатно повторно станувам два час подоцна од тоа што сум планирала. Ако треба да одам на проба или предавање рано, тогаш трчам без да испијам кафе и адреналинот од тоа дека ужасно доцнам некако ме држи да ги преживеам првите неколку часа работа додека да имам шанса да пијам кафе. Во спротивно потребни ми се најмалку половина час за да се натерам да станам од кревет (нема да наведувам колку е најмногу).

Во последните две години секој ден ми изгледа апсолутно различно, почнува и завршува во комплетно различни времиња без правила и тоа е всушност многу напорно психички. Поради тоа почнав опсесивно да пишувам листи за секој ден, до кои што во реалноста не се држам речиси воопшто, во очајнички обид барем нешто да се повторува и во име на илузијата дека имам нешто под контрола.

Ива Дамјановски
Ива Дамјановски / Фото: Игор Аврамоски

Малку тешка задача ми е да опишам просечен ден бидејќи годинава ротирам постојано помеѓу Тренто, Белград и Скопје и денот секаде изгледа потполно различно. Во Италија предавањата создаваат некој ред во денот, па ги организирам вежбањето клавир, кое трае најмалку 4 часа дневно, и обврските според тоа.

Остатокот од денот е работа за факултет, што подразбира многу читање и пишување есеи и што и да е актуелниот проект на кој работам и за кој најчесто крајниот рок е идната недела ако имам среќа. Во Италија немам многу прилика за тоа, но навечер во принцип не сакам да сум дома.

Најлошо се чувствувам кога после многу работа дента не можам да излезам на нешто или некаде и затоа повеќе ми се допаѓаат Скопје и Белград во однос на ноќната тишина на Тренто. Таму деновите имаат и голем дел од нив поминат на телефон, бидејќи најблиските ми се далеку и така изгледа она време што инаку го поминувам со нив. Што се однесува до работата, особено драго ми е кога има проби, бидејќи тие се можеби најисцрпувачки од сите видови работа, но секогаш подразбираат работење со други луѓе и тоа ми е омилениот вид работа. Вревата и хаосот на пробите е нешто што многу го сакам уште од дете. Кога денот има брз ритам е убаво, кога е бавен ми е тешко да се прилагодам, но убави се и бавните денови кога можам да си дозволам да не работам воопшто.

Ива Дамјановски
Ива Дамјановски / Фото: Маја Аргакијева

Ваквите денови се многу многу ретки, ама токму за тоа се толку убави. Тешко е да се нема викенд во неделата од една страна, но не знам како би можела да се пожалам кога ја имам најголемата привилегија на светот, да го работам тоа што го сакам и само се надевам дека работам барем блиску до доволно да го заслужам тоа.

Најчесто не можам да си го приуштам тоа, но би сакала секој ден да можам да сум надвор пред зајдисонце, тоа ми е омиленот дел од денот – ако морам да работам сакам да направам пауза за цигара и да зјапам низ прозорецот и да ми е жал што не сум надвор.

Ива Дамјановски
Ива Дамјановски / Фото: Маја Аргакијева

Што се однесува до креативниот дел од денот, тој се случува после 2 часот, ноќе. Тогаш пишувам поезија, а сега и музика. На неинспиративните ноќи во Италија гледам филмови, често со Виктор на далечина. „Mubi“ е одлична инвестиција што топло ја препорачувам. Ако и тоа не успее – читам, а ако и тоа не успее останувам будна и спојувам два дена (ова во последно време ми се случува многу почесто од што би требало), со надеж дека идниот ден ќе заспијам порано, но најчесто не функционира така. Барем е прекрасно да се гледа како изгрева сонцето.

Жал ми е за хаотичноста на овој текст, но претпоставувам дека едноставно е неизбежно да биде таков. Што се однесува до тоа што правам буквално денес: патувам 8 часа со автобус за Белград, се обидувам да читам, но не ми успева, го пишувам ова текстче, надвор има убаво зајдисонце, на лицата на луѓето што патуваат со мене веќе е стемнето, го променија автобусот, ќе доцниме два часа, ќе ми фали Скопје, покрај патот има тројца работници што копаат, се прашувам што прават тие денеска“.

Видео на денот