Што прави денеска: Ѓоко Танески, пејач

Фото: Даниел Јовески/ Приватна архива

Со повеќе од две децении присутност на македонската музичка сцена, сопственик на прекрасни хитови, претставник на Македонија на Евровизија во Норвешка во 2010 година, Ѓоко Танески е докажано име на македонското музичко небо. Познатиот охриѓанец со своите песни и настапи секогаш ја разнежнува, но и расположува публиката. Синоним за добра забава. Иако секоја генерација си има своја публика, своја омилена музика, песните на Ѓоко му одoлеваат на времето, добиваат статус на безвременски.

Овој пат Ѓоко Танески ни долови како изгледа едно негово секојдневие.

Фото: Пеце Настевски

„Утрата за мене претставуваат една рутина од која не сакам да отстапувам. Бидејќи во текот на неделата се будам прилично рано и започнувам со работните обврски после осум часот, што не е пракса и за викендите – кога сакам да се наспијам и одморам од настапите што завршуваат доцна. Всушност, за мене тие утрински часови се едни од ретките кога можам во потполна тишина да го испијам првото кафе и да ги испланирам тековните обврски.

Бидејќи во вториот дел од денот најчесто имам музички ангажмани за кои ми е потребна позитивна енергија, која, доколку ја немате, веднаш ве издава пред луѓето што ве слушаат, па секогаш внимавам да бидам во добро расположение.

Фото: Даниел Јовески

Сакам да имам период во денот кога ќе правам работи што ќе ме исполнат и мотивираат, работи кои, во суштина, се многу едноставни, но значат многу.

Миговите поминати со семејството, дружењето со драгите пријатели или, пак, кратката прошетка покрај Охридското Езеро мене едноставно ми го разубавуваат денот. Генерално професиите што се поврзани со некаква уметност, бараат духовна храна која, доколку ја нема, едноставно не можете да функционирате и творите. Сепак, музиката пресликува чувства, мисли и на некој начин претставува размена на енергии.

Во слободно време, покрај тоа што сакам да прошетам во природа со семејството, сакам и да играм тенис – што за мене е спорт во кој истовремено можете да се релаксирате и да го заострите фокусот.“

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот