Доналд Трамп/ Фото: EPA/YURI GRIPAS / POOL

Што планира Трамп за Западен Балкан ако воопшто планира нешто?

Воениот аналитичар Хамза Вишќа оценува дека Западен Балкан е речиси занемарен во новата американска стратегија и се споменува главно во контекст на односите меѓу Косово и Србија, при што Америка повеќе не планира директни интервенции, но останува подготвена да дејствува и да обезбеди стабилност таму каде што постои јасен интерес за американски инвестиции.

Новата Стратегија за национална безбедност на САД, потпишана од претседателот Доналд Трамп, укажува на промена од поширок меѓународен ангажман кон јасно дефинирани американски приоритети, при што Западниот Балкан е споменат само периферно, анализира „Дојче веле“.

Претседателката на Атлантскиот совет на Босна и Херцеговина, професорката Дијана Гупта, потсетува дека новата американска Стратегија за национална безбедност јасно става до знаење дека „Америка мора да биде на прво место“. Тоа, пред сè, ги опфаќа националната безбедност, економијата, борбата против нарко-картелите и миграциската политика.

„САД низ историјата им помагале на многу луѓе во светот, но тоа често не било доволно ценето. Сега Доналд Трамп сака другите да почувствуваат како изгледа кога Америка првин се грижи за себе и за своите граѓани,“ вели таа.

Приоритет на американската администрација, наведува Гупта за „Дојче веле“, останува запирањето на големите воени жаришта во Украина и на Блискиот Исток. Сепак, според неа, стратешкото партнерство со Европа останува цврсто.

„Премногу важни интереси ги поврзуваат Америка и Европа за да бидат доведени тие односи во прашање. Во мултиполарен свет полн со предизвици, безбедносниот аспект останува на прво место,“ истакнува Гупта.

Западниот Балкан во американската стратегија

Воениот аналитичар Хамза Вишќа нагласува дека Западен Балкан во новата американска стратегија се појавува само маргинално.

„Ние, во принцип, не сме посебно опфатени со таа стратегија – ниту Босна и Херцеговина, ниту регионот во целина. Се споменуваме главно во контекст на односите меѓу Косово и Србија. Сè друго е насочено кон западната хемисфера и американските економски интереси,“ изјави Вишќа за „БХ Радио 1“.

Сепак, тој укажува на важна порака од документот: „Американците можеби повеќе не се подготвени да интервенираат како некогаш, но се подготвени да смируваат ситуации и да дејствуваат таму каде што може да се создаде амбиент за сериозни американски инвестиции. Ако се создадат услови американски средства да влезат во БиХ, тоа значи и подготвеност тие да го бранат тој простор – секако таму каде што интересите на партнерските земји се совпаѓаат со интересите на САД“.

„На сите ќе им биде подобро, дури и на Хрватите…“: Вучиќ откри што ќе ѝ предложи утре на Урсула фон дер Лајен

Според Вишќа, БиХ од ова може да извлече јасен заклучок – колку се подлабоки односите со Америка и колку е поотворена економијата, толку е посилен и безбедносниот чадор.

„Се надеваме дека јужната гасна интерконекција ќе биде еден од тие примери. Но, треба да размислуваме и за други области, како што е наменската индустрија. Таквата соработка би овозможила развој на капацитетите и привлекување американски капитал“, вели Вишќа.

Балканот како геополитичка точка и одговорноста на Босна и Херцеговина

Враќајќи се на пошироката слика, Гупта нагласува дека Западен Балкан мора да остане во евроатлантските рамки.

„Регионот нема перспектива доколку остане надвор од НАТО и од ЕУ. Балканот е стратешки премногу важен за да биде заборавен. За мирот, економијата и за демократијата, интеграцијата е клучна,“ истакнува таа.

Зборувајќи за БиХ, Гупта предупредува дека станува збор за политички сложена држава во која е тешко да се постигне консензус.

„БиХ се наоѓа во политички ‘кружен тек’ и тешко може да направи посериозен исчекор без поддршка од САД и од ЕУ. Затоа политичарите мора да градат политики на компромис и на меѓусебно почитување. Најважно е да се зачува мирот,“ наведува соговорничката на „Дојче веле“.

„Америка го менува пристапот“

Воено-политичкиот аналитичар Неџад Ахатовиќ смета дека промената во американскиот пристап кон проширувањето на НАТО дополнително ќе го отежне политичкиот пат на БиХ и на другите земји од Западен Балкан кон Алијансата.

„Тоа може да го засили влијанието на други сили во регионот, пред сè на Турција и на Русија, бидејќи недостатокот од јасна перспектива за членство ги продлабочува внатрешните поделби и ги зајакнува силите што се противат на европската интеграција,“ предупредува Ахатовиќ.

Тој посочува дека Турција, преку продажба на оружје, вклучително и на дронови, паралелно го зајакнува и своето политичко влијание во регионот, додека, пак, Русија и Кина веќе имаат значајно присуство.

„Србија е најголемиот набавувач на руско и кинеско оружје на Западен Балкан, а истовремено ги засилува и економските врски со Кина“, вели Ахатовиќ за „Дојче веле“.

„Америка нема да се повлече“

Експертот за безбедност Владимир Вучковиќ смета дека американската улога во БиХ ќе остане клучна, без оглед на насоките во новата стратегија.

„САД нема да се повлечат од Босна и Херцеговина. Дејтонскиот мировен договор е еден од најголемите успеси на американската надворешна политика во модерната историја,“ истакнува Вучковиќ.

Тој додава дека критиките од Вашингтон за недоволните вложувања во одбраната во рамките на НАТО не претставуваат закана за Балканот, туку внатрешно прашање на Алијансата.

Каде се парите, таму е Америка

Иако новата Стратегија за национална безбедност не му посветува големо внимание на Западен Балкан, аналитичарите сметаат дека таа испраќа јасна порака: САД ќе бидат присутни таму каде што постојат стабилни институционални партнери и јасен економски интерес.

За БиХ, ова значи помало потпирање на надворешниот ангажман и повеќе работа на внатрешен политички консензус, како и зајакнување на односите со Вашингтон и Брисел.

„Таму каде што влегуваат американски средства, САД немаат намера да ги изгубат – туку да ги заштитат,“ заклучува Хамза Вишќа.

Додик ја отвори темата што секогаш боли – формирање хрватски ентитет во Босна и Херцеговина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот