Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Кафе со млеко и тиква (Pumpkin Spise Latte)

Како сте денес драги скопјани?

Нели убаво ви доаѓа на душичката кога некој ќе ве праша – како сте? Ајде викендов почесто да почнеме да се прашуваме „како сме“, ама и заинтересирано да го сослушаме одговорот. А, не, како, формален поздрав на улица – како си? и дури одговориш, човекот што те прашал, со брзи чекори, веќе се изгубил зад аголот. Па, ти доаѓа да му кажеш: Ако подзастанеш малку, можеби и ќе ти одговорев стварно како сум!

Со оглед на тоа дека „не влегува“ во викенд – водичот кој ви го нудиме, бидејќи ќе се случува во вторник, на 26.ноември, ве потсетуваме дека скопјанецот Миро Масин ќе има голема изложба во Ликовниот салон на МАНУ, со почеток во 19 часот.

А, за тоа што прави и како е Масин, може да проверите – ТУКА, зашто ние веќе го прашавме.

Во недостиг на „Старбакс“ во метрополава, која за жал, веќе го нема ни еден „Мек Доналдс“, ви нудиме гастрономско уживање кое секако, ќе мора да си го подготвите сами, дома. Инаку, во есенските денови, е вистински хит во европските метрополи кои, нели, си имаат „Старбакс“. Станува збор за кафе со млеко и тиква (Pumpkin Spise Latte). Не си го скратувајте ова задоволство, кога веќе го имаме оригиналниот рецепт:

(Рецептот е за два големи филџани кафе, односно за две лица).

Состојки – 70 грама пире од тиква, полно лажиче зачини за колачи од тиква (цимет, мускатен орев, ѓумбир, каранфилче, оставете малку од зачинот и за декорација на кафето), 300 мл млеко, 2 лажички екстракт од ванила, 2 лажички кафеав шеќер, 120 мл кафе (еспресо или посилно филтер кафе), 50 мл слатка павлака.

Подготовка

Прво, од печената тиква направете пире (во блендер). Потоа, сварете го млекото и во врелото млеко додадете го пирето од тиква. Додадете ги и зачините, па кафето и  убаво измешајте. Додадете го сега шеќерот и мешајте додека смесата стане како сируп. На крајот додадете ја аромата од ванила. Смесата ставете ја на оган убаво да се загрее, но внимавајте да не зоврие. Варете и мешајте додека добиете пенеста смеса. Во два големи филџана поделете го кафето со млеко и тиква. На крајот додадете ја слатката павлака (шлагот) и уште малку наросите од зачините за тиква.

Туку, да си се вратиме ние на нашето културно -забавно календарче и да си букираме што повеќе настани за дружење овој викенд.

ПЕТОК

18 часот

Ако сте љубители на виски, после работа – право во хотел „Мериот“. Ќе се случува Скопје Виски Фест – настан кој ќе му додаде вредност на градот убав. Фестивалот има цел да го подигне нивото на виски културата и да го поддржи виски сегментот во Македонија. Повеќе информации за фестивалот – ТУКА.

18.30

Во „Fine WINE“ на ул. Луј Пастер бр.5 (кај Кино Култура) ќе се случува Винска дегустација – Картал Винарија. Ќе имате можност да ги пробате, од белите вина, веќе докажаниот Chardonnay, свежиот Riesling, како и, од црвените вина, уникатниот Cabernet Sauvignon, познатиот Vranec и да ги споредите со врвните Cabernet Sauvignon и Vranec од BARRIQUE линијата, со одличен квалитет и прифатлива цена.
Вината ќе бидат презентирани од сертифицираниот сомелиер и WSET вински едукатор – Петар Величковиќ, а ќе добиете винска едукација и можност за прашања до енологот на Картал Винарија. Цената е 500 денари.

20 часот

Во Националната опера и балет може да го погледнете балетот во два чина „Дамата со камелии“. Диригент е Иван Еминовиќ, а во главните улоги настапуваат Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски.

20 часот

Го гледавте новиот филм на генијалниот Манчевски, „Врба“? По редовната проекција во „Кино Милениум“, ќе имате супер прилика да се запознаете и да им поставите прашања на главните глумци и глумици од „Врба“.

20 часот

Ако сте повеќе за театарска претстава, а до сега не сте ја виделе, во Драмски ќе се изведува „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ. Играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ -Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајкович и Предраг Павловски.

20 часот

Наша препорака е ова да не го пропуштате. Во МКЦ ќе се случува All Girl Music Festival, придружен со фотографска изложба. Карти купете си на влез по цена од 300 денари.

21.30 часот

Во „Олд Скул Бар“ ќе има прва самостојна свирка на Пепел. Журката ќе трае до после полноќ, а влезот е бесплатен.

21.30 часот

Во кафулето „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија се одбележува 22-годишнината и 900 епизоди на емисијата „Розе Кадилак“. „Розе Кадилак“ стартуваше на 6. јануари 1997 како топ-листа на брановите на музичкото радио – Канал 103. Емисијата во меѓувреме доживеа неколку трансформации и персонални измени, но една работа остана константна – љубовта кон уживањето и споделувањето супер музика, без предрасуди, без било какви стилски и жанровски ограничувања.

23.30 часот

Остануваме во Старата скопска чаршија, на друга дестинација – во Капан Ан, до 5 часот наутро ќе има „психоделик мјузик сешн“. Влезот е 200 денари.

САБОТА

11 часот

Уживајте со децата во 49-то издание на најочекуваниот детски фестивал во Македонија – легендарното „Златно славејче“. Ќе се одржува во Македонска Филхармонија на 22, 23 и 24 ноември. Сите претстави се со почеток од 11, 13 и 17 часот. Тие кои си купиле билети до сега, супер! Оние кои доцнат, веројатно нема да стигнат до билет, зашто интересот е преголем.

19 часот

Остануваме на темата забава со дечињата. Почестете ги со супер претстава – „Грдото пајче“ во Театарот за деца и младинци. Приказната ви е позната, нели? Познатата бајка на Ханс Кристијан Андерсен, во драматизација и режија на Дејан Дамјановски ја лансираше во насловната улога Емра Куртишова, која е дел од младите актерски сили на овој театар.

20 часот

Елате на промоција кај прекрасната писателка Ана Бунтеска. Промоцијата на книгата „Најди ми име“ ќе се случува во кафе-барот „Жапон“, а дополнителен сјај ќе додадат жените со две срца: Драгана Левенска,  Марија Кондовска, Катерина Шехтанска, Татјана Алексиќ, Соња Р. Јовановски, Ирена Спировска и
Емилија Пападимитров. Специјална гостинка ќе биде Биба Додева.

20 часот

Во МНТ, ако до сега не сте ја виделе, погледнете ја претставата „Не се клади на Енглези“.
Претстава го третира феноменот „спортско обложување“.
Жанровски претставата е комедија, но во текстот може да се насетат и болните аспекти на девијантната појава, обложувањето. Глумат – Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ.

20 часот

Ако сте љубители на стрипот, не ја пропуштајте промо забавата за четвртотто издание на стрип магазинот “9еветка” во „Цреша бар“. Задолжен за музика – Владодлак.

20.45 часот

Можеби не можете да „скокнете“ до Франција, ама секако би можеле до бар-ресторанот „Форца“. Дозволете си едно поинакво хедонистичко искуство и впуштете се во незаборавно гастрономско патување низ богатите вкусови на Франција. Вечерта ќе биде „зачинета“ со врвни специјалитети, прекрасни француски вина и музички шансони со акустичен бенд во живо. Задолжително резервирајте си го присуството на тел 02 3071 200 | 078 445 068

21 часот

Забава за целото семејство. Во малата сала на Арената „Борис Трајковски“ може да се журкате на големата ретро забава. Ќе учествуваат Драган Б.Костиќ, Вера Јанковиќ, диџеј Дела, диџеј Ерик Фокс и други. Влезниците се во продажба во Југотон гтц, Цвеќара Розе (Веро 2) и на kupikartizase.com.mk.

21 часот

Во „Станица 26“ ќе се се случува првиот самостоен концерт во Скопје, на еден од најауктуелните женски r`n`b` вокали од регионов – Sara Jo. Билетите се во строго ограничен број, а веќе се во продажба во Coffee Factory во Дебар Маало (поранешно Кала), по цена од 300 денари. На врата ќе чинат 400 денари, ако сте среќлии да стигнете до билет.

НЕДЕЛА

6 часот

Ајде да се провериме во каква физичка состојба сме. Дали сте за искачување на врвот Пирибег преку селото Беловиште – Петачко Водиче – Слабица 1753м – Ливадица 2497 м – Пирибег 2521 м. Целата акција е 21 км со висинска разлика од 1910 метри.
Сепак, доколку не сте подготвени за целата тура, на врвот Слабица 1753 метри ќе имате крајна точка , со поминати 6 километри. Тежина на турата – средна. Цената на турата е 450 денари, превозот е со комбе, а заинтересираните да се јават кај Стефани на тел 077 617 617 или кај Дејан на 071-212 808.

12 часот

Дозволете вашите деца да бидат креативни! Во „Јавна соба“ има детска креативна работилница каде преку забавни активности со храна, боички, колажи, сечење и лепење ќе учиме како да ја разбудиме својата имагинација, да бидеме трпеливи и горди на сработеното. Рокот за пријавување е до денес, а партиципацијата е 250 денари.

12.30 часот

Во Театарот за деца и младинци ќе се изведува претставата „Пипи долгиот чорап“. Прекрасната драматизација на Бојан Трифуновски, режисерката Драгана Милошевски Попова успеа да ја претвори во незаборавна претстава. Не постои дете кое не би сакало да ги види вратоломиите на Пипи, оригинално девојче кое отскокнува од средината и по начинот на облекување и по начинот на однесување, пркосејќи им на сите општо прифатени норми и правила. Интересот за нашата Пипи, одиграна од повеќе од оригиналната актерка Соња Стамболџиовска, која и приватно е реинкарнација на оригиналната Пипи, досега е незапамтен. Претставата изобилува со прекрасно одиграни ликови и карактери.
Доколку сте заинтересирани да присуствувате на оваа претстава ви препорачуваме што поскоро да купите или резервирате билет.

13 часот

Време е за ВАРДАР-ШКУПИ – Во рамките од 15. коло во Првата македонска фудбалска лига екипата на Вардар ќе се обиде да се „опорави“ после шокантниот пораз од Струга Трим Лум, но и Шкупи ќе ја има истата задача кој веќе три меча по ред не знае за триумф. Дуелот меѓу водечкиот во првенството и клубот од Чаир ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“.

18 часот

РАБОТНИЧКИ-МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – Време е за големото кошаркарско дерби, лути ривали кои секогаш го привлекуваат вниманието. Дербито во 7. коло ќе се игра во салата „Градски парк“, Работнички ќе ги одмери силите против бранителот на титулата, МЗТ

21 часот

Смеењето го продолжува животот. Уживајте во вечер со сериозна комедија. Во „Јавна соба“ ќе се случува THE BEST OF STAND UP AT PUBLIC ROOM. Час и петнаесет минути интензивна комедија со: Никола Тодороски, Зоран Донев и Никола Сиљаноски. Резервирајте на 075 283 066.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот