Штипската болница кубури со кадар, вели доктор Сашко Николов

Началникот на одделението за кардиологија во Клиничката болница во Штип, доктор Сашко Николов, во интервју за МИА вели дека на болницата ѝ недостасува персонал, а дека на Одделот за кардиологија бројката на вработени треба да е двапати повиска од сегашната. Сега се функционира со осум кардиолози, 23 медицински сестри, двајца болничари и една хигиеничарка за пациенти од два региони во земјава. Д-р Николов смета дека со дуплирање на кадарот, ова одделение ќе функционира перфектно.
-Штипската Клиничка болница располага со осум кардиолози. Кога ќе ги распоредите тие кардиолози по работни дејности, во еден работен ден и во една работна недела кој каде треба да биде, да покрива дежурства, треба да се покрива дежурна амбуланта, треба да се покрива ехо кардиоваскуларен кабинет, треба да се покрива доплер кабинет, треба да се покрива ангиографска сала и треба да се покрива ангиографска сала којашто ќе биде 24/7. Кога ќе видите на ова дека имате доктор, којшто еден доктор дежура на 22 тешки пациенти коишто лежат кај нас, пациентите се захтевни од континуирана нега. Не може да го оставите сам пациентот во соба и двапати во текот на дежурство да го видите, вие мора да бидете 24/7 со пациентите. Од друга страна, 21-от век и времето во коешто живееме налага голем број пациенти со кардиолошки проблеми, посебно хипертензија, градна болка, сите тие доаѓаат во текот на еден работен ден, во едно деноноќие. Ако ви кажам дека после работното време, после три часот до наредниот ден по 50, 60 прегледи има еден доктор, и треба да се грижи и за пациентите кои се стентирани и за пациентите кои се хоспитализирани во тешка здравствена состојба и на крајот на денот мора да се прегледаат сите овие пациенти, тоа со еден доктор не се постигнува. Ако разбереме на секое одделение имаме по една сестра која што се грижи за 10 до 12 пациенти на интезивниот дел, уште 12 пациенти на полуинтензивниот дел, тоа е многу малку персонал, којшто може да даде она што јас како началник го барам, од мојот персонал. Меѓутоа и со овој персонал што го имаме, ние се трудиме да дадеме максимален одговор на барањата коишто ги имаат нашите пациенти, вели доктор Николов.
Моментно штипската Клиничка болница и Одделението за кардиологија располагаат со осум кардиолози и 23 сестри, кои работат интензивно на Одделението за кардиологија, двајца рендген-технолози, двајца болничари и еден хигиеничар.