Шопинг мол манија и во Македонија

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Граѓаните сметаат дека предноста на трговските центри е што на едно место може да најдат различни брендови, како и дека се погодни за храна и дружба.

Во наредните неколку години во метрополата ќе бидат отворени нови, стотици илјади квадрати комерцијално-деловни центри, меѓу кој и третиот по големина шопинг мол во регионот – „Ист гејт“. Големи трговски центри веќе извесно време градат и турските компании „Џеваир холдинг“ и „Лимак“, кои според квадратурата, ќе го вбројат Скопје меѓу најпосакуваните „шопинг дестинации“ на Балканот.

Граѓаните сметаат дека предноста на трговските центри е што на едно место може да најдат различни брендови, како и дека се погодни за храна и дружба. Порастот на продажбата и закупот на дуќаните во ваквите молови, не е мода што ја зафати само државава. На пример, во Србија на 1.000 жители има 88 квадратни метри современ продажен простор. Во Босна, Бугарија и во Романија, има по 100 квадрати, во Хрватска на 1.000 жители има 450 квадрати продажен простор, а во Словенија таа бројка се движи околу 350. На југот на Европа, потрошувачите гласаат за мали дуќани, а во Северна Европа се насочени кон големи продажни површини.

На почетокот на идната есен во Скопје ќе биде отворен „Источна порта“ – „Ист гејт мол“, третиот по големина шопинг мол и со најголемата „Зара“ во регионот. Покрај тоа, во него ќе има и други познати светски модни брендови, од кои дваесетина за првпат ќе се најдат на македонскиот пазар, а во него ќе има и околу 2.500 нови вработувања. Проектот има вкупна изградена површина од над 500 илјади метри квадратни, во што влегува трговски центар, резиденцијален комплекс и канцелариски простор. Комплексот се гради на местото на некогашниот Скопски саем. Вкупната инвестиција изнесува 103 милиони евра, од кои 72 милиони евра преку синдициран заем, кој беше потпишан од домашни и странски банки. Нешто повеќе од една година пред свеченото отворање веќе се потпишани договори со повеќе од 150 трговци, односно околу 80 отсто од трговскиот центар е веќе издаден.

– Наша оценка е дека на Скопје и на Македонија им е потребна ваква инвестиција, која ќе доведе до вработување на поголем број млади лица и ќе овозможи натамошен развој на градот Скопје и на Македонија – рече Хари Костов, генерален директор на Комерцијална банка, која веќе има позитивно искуство со групацијата „Балфин“, со финансирањето на „Сити мол“.

Во моментов се гради и трговскиот центар на „Џеваир“ во скопски Аеродром со 60.000 метри квадратни. Според најавите, во него треба да има 70 продавници со светски брендови, супермаркети и канцелариски простор. Турската компанија, „Лимак“, на просторот кај Старата железничка станица, покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници и трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра.

Дел од градежниците сметаат дека ваквата интензивна градба ќе ги задуши постојните трговски центри, каде што веќе е евидентна намалената куповна моќ. Таквата слика веќе подолг период може да се види во Градскиот трговски центар, во кој многу дуќани се издаваат или се продаваат. Добар дел од дуќаните дури се издаваат без кирија, само за да ги плаќа некој месечните сметки.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, се согласува дека причина за затворањето на продавниците се должи на слабата куповна моќ, но и на пандемијата. Сопствениците на дуќаните плаќаат надоместок за одржување на објектот што се простира на 120 илјади квадрати.

Најголема концентрација на дуќани има во Скопје

Последниот Попис на капацитетите во трговијата на мало е од 2016 година. Тогаш биле  попишани 18.749 продажни капацитети во трговијата на мало. Од тоа, 18.266 биле продавници (сите видови) и 483 бензински пумпи. Најголема концентрација на продажни капацитети има во Скопскиот регион – 23,8 проценти. Гледано по општини, најголема концентрација има во: Тетово 8,1 проценти, Куманово 6,9 проценти, Битола 6,1 проценти, Прилеп 5,4 проценти, Центар 5,3 проценти. На територијата на овие општини се концентрирани повеќе од половина од продажните капацитети во трговијата на мало, односно 54,6 проценти.

Пробувањето на веќе пробана облека не шири ковид-19

Потрошувачите сметаат дека забраната за пробување облека во бутиците низ трговските центри, не влијаела врз ширењето на заразата со ковид-19, поради можноста производите да се носат дома, а ако не одговараат, повторно да се вратат во продавницата. Во интересната онлајн анкета што ја спровела Организацијата на потрошувачи, 22 проценти од испитаниците рекле дека поголем е ризикот потрошувачите  неколкукратно да одат во трговските центри за да најдат облека што им одговара. Една петтина од одговорите посочуваат дека се усложнува постапката за враќање на парите што ги потрошиле доколку не најдат облека со која би ја замениле претходно купената. Тука е и создавањето дополнителни редици во продавниците за замена на купената облека, со што дополнително се зголемува ризикот од ширење на заразата. Само 6 проценти од одговорите упатуваат дека ризикот од заразата со ковид-19 од облека која била пробана, ќе остане ист.

Според член 50 од Законот за заштита на потрошувачите, правото на замена на купениот производ може да се оствари во рок од 15 дена од денот кога производот е купен, исклучиво со фискална сметка. За да се спречи ширење на заразата, во март годинава беше донесена и Уредба за забрана за пробување облека во текстилните продавници во трговските центри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот