Шокантни тврдења на Мисици во Индонезија: Нѐ соблекуваа и ни ги проверуваа телата, нѐ тераа да позираме со раширени нозе
Шест финалистки на годинашниот избор за убавина Мис Универзум во Индонезија поднеле жалби во полиција, обвинувајќи ги организаторите на настанот дека ги принудиле да се соблечат со цел да ги „проверат нивните тела“, а потоа и ги фотографирале без облека.
Препорачано
Мелиса Анграини, адвокатката која ги застапува овие жени, изјави дека нејзините клиентки биле замолени да ги соблечат маиците за да можат организаторите да ги „прегледаат нивните лузни, целулит или тетоважи“, пренесе „Си-ен-ен“.
Една од натпреварувачките, идентификувана само со почетната буква „Н“, бил шокирана бидејќи „телесните проверки“ не биле наведени во распоредот. Неидентификуваната жена се согласила да се фотографира топлес, како и останатите четири жени.
„Тоа било доволно за да ја понижи и да ја деградира“, вели адвокатката.
На прес-конференцијата, друга неидентификувана натпреварувачка, чие лице било заматено од локалните медиуми, изјави дека од неа било побарано да позира на несоодветен начин, вклучително и со раширени нозе, објави „Ројтерс“. Тужителките наведуваат дека овие фотографии биле направени додека во просторијата биле присутни мажи, кои биле дел од организацијата на настанот.
Наводните инциденти се случиле на 1 август, два дена пред големото финале во Џакарта, додаде адвокатката.
Портпаролката на полицијата Јулијансја, која како и многу Индонезијци користи само едно име, им рече на новинарите дека официјалните жалби биле поднесени во понеделникот и дека истрагата е во тек.
„Жалбите ќе се користат како основа за нашата истрага“, додаде таа.
Организаторите на Мис Универзум изјавија за „Си-ен-ен“ дека се свесни за наводите против изборот за Мис Универзум Индонезија, кој го води локален сопственик на франшиза.
„Мис Универзум многу сериозно ги сфаќа наводите за сексуално вознемирување и несоодветност. Обезбедувањето безбедно место за жените е највисок приоритет на организацијата Мис Универзум и ние го разгледуваме ова прашање“, се вели во соопштението на Мис Универзум.
Организаторите на натпреварот во Индонезија не одговорија веднаш на барањето на „Си-ен-ен“ за коментар.


