Шестмина мртви во палестински бегалски камп во Либан

Бегалски камп во Либан / Фото EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Најмалку шест лица биле убиени за време на судирите во палестинскиот бегалски камп во Либан за време на викендот. Судирите во кампот Ајн ел Хилве избувнале меѓу движењето Фатах на претседателот на палестинската управа Махмуд Абас и ривалските исламистички групи. Меѓу шесте загинати е и командант на Фатах, потврди движењето.

Основан во 1948 година, немирниот камп Ајн ел Хилве е најголемиот во Либан со повеќе од 63.000 регистрирани бегалци, велат од ОН. Некои проценки велат дека бројот на населението е уште поголем. Кампот, сместен во близина на јужниот град Сидон, е надвор од јурисдикцијата на либанските безбедносни сили, пишува „Би-Би-Си“. Оставено е на ривалските фракции во кампот да ја одржат неговата безбедност, но фракционите спорови се вообичаени.

Насилствата изминатиот викенд избувнале во саботата кога бил убиен припадник на исламистичката група Ал Шабаб ал-Муслим, пренесува новинската агенција АФП, цитирајќи неименуван извор во кампот. Уште шестмина, вклучително и водачот на групата, се ранети, се додава во извештајот. Тензиите продолжиле да се зголемуваат до вчера, кулминирајќи со смртта на командантот на Фатах, Ашраф ал-Армучи и четворица негови помошници.

Доцна во неделата бил договорен прекин на огнот, но престрелките продолжиле во текот на ноќта. Локалниот пратеник се очекува денес да одржи состанок за да се обиде да ги реши тензиите. Во изјавата цитирана од АФП, Фатах го осуди „гнасното и кукавичко злосторство“ чија цел е да ја поткопа „безбедноста и стабилноста“ на палестинските логори во Либан.

„Безбедноста на камповите е црвена линија и не е дозволено некој да го заплашува нашиот народ и да ја попречува неговата безбедност“, соопшти палестинското претседателство.

Покрај шестмината загинати, за време на насилството биле повредени и либански војници, соопшти либанската армија. Директорката на агенцијата на ОН за палестински бегалци во Либан (ОНРВА), Дороти Краус, рече дека сите операции на агенцијата во кампот се прекинати.

Таа ги повика „сите милитантни страни да обезбедат безбедност на цивилите и да ја почитуваат неповредливоста на просториите на ОН“.

Оттогаш е договорен прекин на огнот, се вели во заедничката изјава цитирана од АФП. Повеќе од 479.000 бегалци се регистрирани во Либан, наведува агенцијата. Околу половина живеат во 12-те бегалски кампови во земјата, кои имаат „ужасни“ услови за живот, се додава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот