Северна Македонија се приклучи на Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура

Северна Македонија како 37 членка се приклучи кон Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура (EIFAAC) на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Од ФАО информираат дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски го информирал за одлуката генералниот директор на ФАО, Ку Донгју.

– Македонскиот сектор за рибарство и аквакултура е мал, но важен за земјата, со производство на риба од околу 2.500 тони годишно. Аквакултурното производство првенствено се сведува на видови пастрмка и крап, а се одвива во бари, реки и езера.

Министерството има цел да го удвои производството на аквакултура до 2030 година за да ја зголеми домашната обезбеденост со храна во согласност со Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021–2027 година и Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018–2023), се наведува во соопштението од ФАО.

Според министерот Николовски, членството дава можност за вклучување во регионални проекти за рибарство и аквакултура, пристап до знаење и научни совети, трансфер на градење капацитети и технологии и иновации за аквакултурата.

Постојаниот претставник на Северна Македонија во ФАО, Лидија Попандонова смета дека иновирањето на секторот аквакултура со цел да се зголеми производството на храна од водно потекло и неговата отпорност кон климатските промени е приоритет за земјата.

Таа очекува дека експертите на EIFAAC ќе помогнат да се зајакне технолошкиот капацитет на бизнисите во Северна Македонија за аквакултура и производство на риба на одржлив начин и за обновување на природните води со автохтони видови.

Во наредните години, 37-те членови на Комисијата, меѓу другото, ќе соработуваат за промовирање на иновациите и дигитализацијата и зајакнување на животната средина во руралните средини, како и за поддршка на одржливото управување со природните ресурси и олеснување на отпорноста во секторите храна и земјоделство. Работата на Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура треба да придонесе кон обезбеденоста со храна и намалување на сите форми на неухранетост.

EIFAAC е основана како регионално тело за рибарство од страна на Советот на ФАО во 1957 година и е важен меѓувладин форум за соработка и размена на информации за рибарството во затворени води и аквакултурата меѓу сите европски земји. Домаќин на следната седница на EIFAAC ќе биде Владата на Хрватска во 2024 година.

– Управниот комитет на EIFAAC, Техничкиот и научниот комитет, членовите и Секретаријатот ја поздравуваат Северна Македонија како нова членка и се радуваат на развивање силни односи со земјата во врска со рибарството во затворени води и аквакултурата, стои во соопштението од ФАО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот