Сензацијата на Баерн со неверојатна животна приказна: Роден во камп за бегалци и трча побрзо од дозволената брзина за возење во Лондон

twitter/Bleacher Report

Навивачите на германскиот тим имаат нов миленик.

Баерн Минхен вчера направи голем исчекор кон пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите, го совладаа Челси во Лондон со 0:3, а навивачите на германскиот тим имаат двојна причина за славење. Тие од вчера имаат нов миленик во Алфонсо Дејвис, 19-годишен канадски фудбалер кој има неверојатна животна приказна.

Доколку неговите родители кои се од Либерија имаа само помалку среќа, денеска не би го гледале Дејвис на фудбалските терени.

Алфонсо Дејвис е роден во камп за бегалци во Будубурам, Гана, откако неговите родители избегаа од Либерија поради втората граѓанска војна во која загинаа помеѓу 150.000 и 300.000 луѓе.


Првите пет години ги помина во кампот во Будубурам, по што неговите родители успеаја да се преселат во Канада, поточно во Виндзор. Една година подоцна, 2006, тие се преселија во Едмонтон како и Дејвис ја започна својата фудбалска кариера.

Со 15 години тој го потпиша првиот професионален договор и стана најмладиот фудбалер во историјата на УСЛ лигата (фудбалска лига на Северна Америка). Во првата година како професионалец, Дејвис за екипата на Ванкувер вајткапс постигна два гола со што стана најмладиот стрелец во историјата на УСЛ.

Во 2017 и 2018 година, Дејвис веќе беше дел од првиот тим на Ванкувер во МЛС лигата и со своите игри го привлече вниманието на најголемите европски екипи. Најконкретен беше Баерн Минхен кој за 13.5 милиони долари во летото 2018 година го донесе во своите редови.

Алфонсо Дејвис на почетокот од престојот во Баерн Минхен играше за втората екипа, а дебито за првиот тим на баварците го имаше во јануари 2019 година, а првиот гол го постигна во март истата година на 18 години, четири месеци и 15 дена, со што стана најмладиот стрелец на Баерн во последните 20 години. Рекордот се уште го држи Роке Санта Круз кој пред 20 години постигна гол за Баерн со тукушто наполнети 18 години.

Оваа сезона, Дејвис игра на позицијата лев бек, додека стандардниот Давид Алаба е прекомандуван во срцето на одбраната, на стоперската позиција иако се смета за еден од најдобрите леви бекови на денешницата.

Меѓутоа, потегот на актуелниот тренер Ханси Флик, се покажа како исправен, Алфонсо Дејвис на 29 натпревари во сите натпреварувања оствари дури осум асистенции.

Дејвис вчера уште еднаш ги импресионира навивачите на Баерн Минхен но и фудбалските фанови. Тој му асистираше на Роберт Левандовски при постигнувањето на третиот гол за Баерн во убедливиот триумф над Челси (0:3) во ЛШ.

Младиот Либериец со канадски пасош пред да му асистира на Левандовски, „прелета“ покрај тројца играчи на Челси, а според неслужбените информации тој трчаше преку 35 километри на час, што е побрзо од дозволената брзина за возење со автомобил во центарот на Лондон.


 


По натпреварот навивачите на Баерн беа воодушевени од играта на Дејвис и само на него од сите играчи на германскиот тим, му го скандираа името.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот