„Сензација во бело“: Јован и Елвир најавија концерт за паметење на 6 јуни во Скопје
Македонските музички ѕвезди Јован Јованов и Елвир Мекиќ вчера (27 мај) одржаа прес-конференција пред дел од македонските медиуми, на која открија нови детали за претстојниот концерт што ќе се одржи на 6 јуни во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Препорачано
Во опуштена атмосфера во еден скопски локал, двајцата долгогодишни пријатели и соработници зборуваа за подготовките за концертот, пробите со бендот и танчарите, но и за возбудата што ја чувствуваат пред настапот.
„Драго ми е што после толку години одлучивме да се собереме со старата екипа, со нашите драги пријатели кои веќе подолго време ги нема на естрадата“, изјави Јован.

Јован и Елвир открија дека ова ќе биде првпат нивните деца да ги гледаат како настапуваат во живо на голема сцена.
Покрај специјалните гости – Адријан Гаџа, Маја Саздановска, Тони Зен, Слаѓа Делибашиќ, Џус, Пајак и Врчак – на сцената ќе настапат и бројни танчари, од кои дел биле избрани преку специјална аудиција.
За нивниот сценски изглед се погрижил македонскиот дизајнер Андреј Папаз, кој подготвил повеќе различни модни комбинации за концертот.
Музичарите повторно нагласија дека концертот ќе има дрес-код – бела боја.
„Би сакале сите што ќе дојдат да облечат барем бела маица или кошула, а на самиот концерт ќе дознаете зошто решивме целото шоу да биде ‘сензација во бело’“, изјави Елвир.
Тие најавија вистински музички спектакл исполнет со нови и стари хитови, но и песни што долго време не биле изведувани, а кај публиката ќе разбудат носталгија.
Организаторите велат дека концертот е речиси распродаден.


