Секој што фатил четка или залепил плочка се промовира за мајстор, граѓаните плаќаат двојно за неквалитетната услуга

Конкуренцијата во градежните услуги е добра за бизнисот, но само ако е легална. Но, проблем е што нема доволно и квалификувани мајстори, а секојдневно се зголемуваат дивите, односно нерегистрирани мајстори

Секој што барем еднаш во животот држел четка или валјак, сега се самопромовира во молер. Ако имате апаратче за лепење пластични цевки, веднаш станувате водоводџија. Една залепена плочка, преку ноќ ве прогласува за плочкар. Дивите мајстори не се ниту поевтини ниту поквалитетни, но сè понискиот стандард и сè повисоките цени на услугите за по дома, ги тераат граѓаните да се нудат како мајстори за сè. Ова го тврдат сопствениците на легалните компании за градежни услуги и на сервисите што работат со сите нишани и даваат гаранција за сработеното. Велат дека тие гарантираат за квалитетот, плаќаат давачки и придонеси за вработените, даноци за секој продаден производ, а оние што работат на диво не плаќаат ништо, наплатуваат повеќе, а потоа граѓаните ги викаат да ги поправат нивните грешки.

– Многумина се одлучуваат за поевтината варијанта иако често се случува и дивите мајстори да имаат солидни, па дури и повисоки цени за нивните услуги. Сепак, меѓу народот преовладува мислењето дека тие се поевтини, ама откако ќе се изгорат, бараат помош од нас. Штетата е веќе направена и многумина плаќаат двојно за тоа – вели менаџер во еден легален сервис од Гевгелија.

Конкуренцијата во градежните услуги е добра за бизнисот, но само ако е легална. Но, проблем е што нема доволно и квалификувани мајстори, а секојдневно се зголемуваат дивите, односно нерегистрирани мајстори.

– Граѓаните сами одлучуваат кого ќе го ангажираат, се разбира и цената игра голема улога. Ние даваме гаранција за сработеното, што значи дека ако има поплака веднаш ја отстрануваме. Оние што сакаат да нè ангажираат си прават план, бидејќи во сезона е навистина тешко да најдете мајстори од денес за утре, значи најмалку 15 до 30 дена треба да се јавите и да нè ангажирате за да нема недоразбирања – велат во еден молерофарбарски сервис.

Иако календарски пролетта само што почна, поради благата зима градежната сезона не престана, а граѓаните веќе наголемо се распрашуваат за цените на молерските услуги и, што е уште поважно, за достапните мајстори. За жал, ги чекаат лоши вести – покрај сè што поскапи во изминатиот период, за најмалку околу 10 отсто се повисоки и услугите на молерите. Ако лани цената на варосувањето се движеше од 80 до 100 денари за метар квадратен, сега може да ви побараат и 150 денари! Бојата, по некое непишано правило, ја купува сопственикот на просторот што треба да се бојадиса, но има и сервиси што ја вметнуваат во вкупната цена. Зголемени се и цените на глетувањето, тука влегуваат и подготвителните работи за фарбање, какви што се гребењето ѕидови и тавани, бидејќи ако станува збор за стара градба, гребењето одзема повеќе време. За 20 отсто се поскапени и водоинсталатерските услуги, а најновиот мајсторски хит е сами да ги искршите старите плочки! Ако се суди по социјалните мрежи и корисничките објави, граѓаните за молер чекаат и до два месеца. Се вртат телефони, се бараат препораки, но и тоа не е сигурно дека ќе најдете квалитетен мајстор.

– Тоа не е чудно кога во земјава има сè помалку мајстори. За квалитетните нема зима, тие имаат работа преку глава и главно се работи со препорака – вели еден стар скопски молер.

 И мајсторите како лекарите – прво дијагноза, па договор!

Буквално им се може. Така реагираат граѓаните на социјалните мрежи, а најголемиот дел од нив имаат лоши искуства со мајсторите. Во последно време се шири трендот за наплата само за излегување на терен, што е вон тарифата. Демек мајсторот да процени за што станува збор и дали му се исплатува да почне да работи. Минималните интервенции се најтешко поправливи. Цената се формира откако ќе се види дефектот и местото!

Кога се работи за молерисување, површината што треба да се бојадиса се мери со множење на ширината и висината на секој ѕид, а потоа додавање на површините на сите ѕидови во просторијата. Наведената цена се состои од работна сила и материјали, а вклучува отстранување мебел и радијатори, заштита на подови, штекери и други елементи и завршно чистење. Во зависност од состојбата на ѕидовите и цената на материјалите, таа некаде се движи од две до четири евра за метар квадратен.

 Фати една, пушти друга работа

Најтешко им е на оние граѓани што ангажираат работници кои првата смена ја одработуваат на некој поголем градежен објект, а попладне се нафаќаат за „поситните“ услуги.

– Сакавме да ја реновираме кујната. Мајсторот дојде еднаш и потоа го снема. Почнавме да вртиме телефони, никој не се јавуваше. Целосно се избезумивме, голготата траеше три месеци – раскажува еден млад брачен пар.

Друг скопјанец вели дека мајсторот што требало да му ја реновира бањата, му понудил „работен план“ што се состоел од тоа дека работи на друго место и тоа на смени и кај нив може да дојде само откако ќе има слободни денови по завршувањето на третата смена!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот