Марко Пејчиновски / Фото: Фејсбук

Секое одење на лекар беше ново разочарување: Марко Пејчиновски емотивно за мајка му и за неговото здравје

Емотивно видео од својата мајка, која почина од рак, објави пливачот Марко Пејчиновски на социјалните мрежи.

„Му веруваме на Господ, верувајте му и вие и сите останати. Тој мора да сфати дека сигурно постои причина за сè и дека Господ имал некаков план за него во секој случај. Му кажав: ајде да расчистиме дека сигурно постои некаков план – нема да бидеш фудбалер, ама ќе бидеш нешто друго.

И ете, тоа се исполни како вистина. Токму тој ден кога требаше да плива, ми рече: ‘Гледаш, Господ сакал ова да го направам’ и успеа.

Поентата на тоа пливање беше да добие желба за живот. Да знае дека може да прави нешто што некој друг можеби не може да го направи. Луѓето што имаат проблем… значи, или остануваш на тоа што си и ‘чмаеш’, па што биде нека биде, или мораш да си дадеш кураж во животот и да одиш напред. Мислам дека Марко е токму таков“, сподели мајката на Марко, кој неколкупати херојски го преплива Охридското Езеро и покрај некрозата на ногата.


Пејчиновски дополнително го објасни видеото од мајка му, која по еден од неговите спортски подвизи, иако со сериозно нарушено здравје, дојде да го пречека на Охридскиот Кеј.

„Веќе една година помина откако го најавив мојот модифициран Ајронмен триатлон и почнав да споделувам содржини на социјалните мрежи.

Во видеонајавата имаше силна порака, која многумина не ја сфатија, ниту пак сфатија дека еден од позадинските гласови беше од мајка ми. Целта на триатлонот беше потрага по желба за живот – желбата која јас тогаш ја имав загубено, но откако ја препуштив контролата на животот на Бога, не само што ја пронајдов желбата за живот, туку по патот успеав и да помогнам и на други.

Мајка ми не даваше многу интервјуа. Се наежив кога ѝ го слушнав гласот кој, за жал, веќе почнав да го заборавам и знаев дека мора да се искористи ова во видеото“, сподели Марко.

Во август минатата година, тој успешно го заврши својот модифициран „Ајронмен“ триатлон, во должина од вкупно 107 километри, кој се состоеше од трчање, возење велосипед и пливање.

Пејчиновски даде и емотивно интервју за „Гламур ТВ“, во кое раскажа колкава желба имал да стане фудбалер.

„Многу тешко се мотивирав и не можам да кажам дека толку лесно се соочив, бидејќи не беше така. Јас и додека го направив првиот подвиг, сè уште се надевав дека ќе можам да продолжам со сонот да бидам фудбалер.

И знам дека од секоја посета на доктор очекував да ми каже дека: ‘Готово, толку, можеш сега да трчаш, можеш повторно да играш фудбал’. Но, секојпат кога се враќав дома, тоа беше разочарување, плачење и многу тешко се соочував со тоа.

Но, откако помина некое време во пливањето, сфатив дека болеста што ја имам е, всушност, скриен благослов и дека, да не беше таа, немаше да сум човекот што сум денес“, сподели Пејчиновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот