Азир Алиу, министер за здравство / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Се воведуваат нови програми за специјализации и супспецијализации на докторите

Се менуваат специјализациите по интерна медицина и општа хирургија, најавија на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу и претседателката на Лекарската комора доктор Калина Гривчева Старделова. Според Алиу, при специјализацијата за интерна медицина ќе има засилена практична обука особено во ургентна медицина и на интензивна нега.

Од темел се менува суровата реалност – дека 15 години системот на специјализации не чини

Системот на специјализации и супспецијализации кој се применувал досега, според министерот за здравство покажал дека специјалистите имаат недоволна практична подготовка и ограничена применливост, особено во интензивната и итната медицина. Ова создава сериозен притисок врз терциерното здравство.

-Освен тоа постои неусогласеност со современите европски образовни модели. Затоа примарниот фокус на оваа реформа го ставаме на две клучни области – интерната медицина и општата хирургија. Во делот на интерната медицина воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега, посочи Алиу.

За секој интернист ќе има засилена обука за метода која се нарекува point of care ултразвук, која што обезбедува сликање во реално време за носење на итни одлуки, а дополнително се дефинираат минимални практични интервенции.

– Нашата цел е образовниот процес да создаде интернист кој може самостојно да управува со комплексни и итни состојби на секундарно ниво, со поширока клиничка подготвеност за состојби во однос на разните органски системи. Во делот на општата хирургија воведуваме петгодишен, европски усогласен курикулум, со широка хируршка основа и мултисистемски пристап. Го подобруваме системот на тријажа и создаваме основа за понатамошна супспецијализација. Целта е да создадеме флексибилен и функционален хирург, со развиени вештини и знаење да одговори на реалните потреби на болниците, особено во внатрешноста на државата, рече Алиу.

Тој појасни дека предвиден е период од 36 месеци, односно три години по специјализацијата за студентите да може од стара специјализација да се префрлат на нова програма.

 

– Нашата стратешка насока кон која се движиме е враќање кон широка базична специјализација, супспецијализација како надградба, примена на принцип на регионализација и постигнување баланс меѓу општи специјалисти и тесно профилирани експерти. Ова, освен што е образовна реформа, истовремено е и системска промена, која ќе донесе подобра достапност до квалитетна здравствена услуга, поефикасно користење на ресурсите и зајакнување на секундарното здравство, покомплетен, пофлексибилен и системски усогласен медицински кадар како одговор на реалните потреби на здравствениот систем и пациентите, како и кадар кој не само што има знаење туку има и практична подготвеност да реагира онаму каде што е најпотребно, додаде Алиу.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот