Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Од темел се менува суровата реалност – дека 15 години системот на специјализации не чини

Од темел се менува начинот на кој се образуваат докторите во Македонија. Суровата реалност дека 15 години наназад системот на специјализации не е доволно добар ги натера Лекарската комора, Медицинските факултети и Министерството за здравство да ги сменат начините на кои еден доктор ќе стане специјалист по интерна медицина и специјалист по општа хирургија. Така, тие ќе одат на специјализација по интерна медицина или по општа хирургија 4 години за да се задоволат потребите на болниците од секундарното здравство. Ако на некоја болница ѝ треба супспецијалист, ќе може по завршувањето на специјализацијата да го доедуцира докторот на супспецијализација.

Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Во болниците во внатрешноста според деканот на Медицинскиот факултет професор доктор Светозар Антовиќ, многу е подобро да се располага со кадар кој е со лиценца за општ хирургија или општ интернист кој ќе може да дава многу поширок опсег на услуги кон пациентите.

-Во внатрешноста не велам дека не се потребни нефролози или кардиолози, туку многу подобро е да располагате со кадар кој е со лиценца за општ интернист или општ хирург, кој може да дава многу поширок дијапазон на услуги кон пациентите и тоа е доволно за местото во кое колегата хирург или интернист работи, истакна професор д-р Антовиќ.

Тој истакна дека после реформата во 2011 година, во голем број од болниците нема општи интернисти.

-Дежура кардиолог кој не може да препишува терапија од другите области. Така, иако овој проблем сме го воочиле пред неколку години, сега се собира сила во контакт со сите шефови на катедри и професори на Медицинскиот факултет во Скопје, Тетово и Штип, дека треба да се вратат општите специјализации на хирургија и интерна медицина кои што ќе ни го понудат тоа што на Македонија ѝ е потребно и ќе се продолжи со супспецијализации од 2 години наменети за клиничарите, посочи професор д-р Антовиќ.

Иницијативата е поддржана од Лекарската Комора. Претседателката на Комората, професор д-р Калина Гривчева Старделова вели дека новиот систем ќе им помогне на докторите да прегледуваат пациенти со сета своја одговорност, а на пациентите ќе им се овозможи во соодветните болници да има соодветен кадар.

-Сегашните специјализации по општа интерна медицина и по општа хирургија се предолги кога ќе ги споредиме со супспецијализациите. И колегите бираат да одат директно на супспецијализација. И што се случува во нашата реалност? Ако на итна служба дежура ендокринолог и дојде пациент со инфаркт, тој знае да го истретира, но ако се случи нешто со пациентот тој не бил соодветен доктор да го третира пациентот. И тука колегите со сиот страв одбиваат да дежураат зашто реално постои проблем – тие не се соодветни доктори. Шест години интерна медицина е предолг период. Сиромашни сме со специјалистички кадар. Разговаравме со супспецијалистите детски пулмолози од клиниката Козле. Тие се педијатри и можат да препишуваат само одреден број лекови. Кај нив доаѓа на дежурство секое болно дете. Со претставници на лекарската комора од Германија Австрија и Словенија и со коморите од Хрватска и Србија многу брзо се препозна дека навистина нешто што е направено треба да се менува. Како доаѓа времето, стануваме земја на стари луѓе и ни е потребна геронтологија се повеќе, рече доктор Калина Гривчева Старделова.  

Со новите програми за специјализации темелно се менува пристапот во креирање на медицинскиот кадар.

 Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка, и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава. Тоа значи еден стандард, еднакви критериуми, ист квалитет на програмите, рече министерот за здравство Азир Алиу.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот