Се „штимале“ цените за обука на кандидатите за возачка дозвола
Претставниците на Комисијата за заштита на конкуренцијата посетиле 40 автошколи, при што забележале можност за усогласено однесување при формирањето на цените, што е спротивно на законот. Во ноември возачките испити поскапеа од 35 до 40 отсто и стасаа до 34.000 денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата утврдила можни повреди на Законот за заштита на конкуренцијата. Од оваа институција за „Слободен печат“, објаснуваат дека извршиле увид во повеќе од 40 автошколи во државата.
Препорачано
-При увидот се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување на автошколите – картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи што преставува потенцијално прекршување на член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата. Комисијата продолжува со интензивно прибирање докази и детално утврдување на сите релевантни факти. Доколку се потврди постоење на забрането договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно Законот – велат од КЗК.
За потсетување, од 1 ноември годинава, цената за комплетна обука за Б категорија во автошколите во земјава скокна од околу 24.500 денари на 33.000 денари, што значеше поскапување од 35 отсто, или во пари идните возачи требаше да платат дополнителни 8.500 денари. Кај некои од школите цената достигна и до 34.000 денари, што е зголемување од речиси 10.000 денари или 40 отсто. Според објаснувањето, Здружението на автошколи, ја донело оваа одлука, поради значително зголемените оперативни трошоци, но и поради фактот дека цените за обука не биле сменети повеќе од една деценија. Тие се оправдуваа и со трошоците за гориво, сервисирање, одржување на возилата и техничка опрема, а дополнително, морале да се почитуваат и новите прописи воведени на Министерството за транспорт и врски, за построги стандарди за наставата, како фактор за зголемување на трошоците.
Според новите ценовници, обуката за Б категорија вклучува 20 часа теоретска настава по цена од 4.500 денари и 36 часа практична настава по цена од 28.500 денари. Дополнителни трошоци вклучуваат три посети на полигон по 250 денари на час, користење возило за прв и втор практичен испит по 1.500 денари за секое полагање, како и лекарско уверение од 1.200 денари. Оние кои сакаа да добијат возачка дозвола јавно го изнесоа својот револт, сметајќи дека новите цени се превисоки и дека возачката дозвола станува луксуз. За експертите пак, ова значеше потенцијално одложување или откажување од возачкиот испит. Од друга страна, новите повисоки цени на возачките испити го зголемуваат ризикот од возење без дозвола, што го забележуваат и полициските контроли.
-Од први јануари до крајот на септември годинава во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без притоа да имаат возачка дозвола. Најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, во Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола – соопштија од МВР.
Оние кои возат, а воопшто не положиле за возачка дозвола, ќе платат 250 евра – Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата вели дека „Со моторно возило или со возило на моторен погон во сообраќајот на патот самостојно може да управува само лице кое има важечка возачка дозвола издадена во Република Македонија, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, во која е впишана категоријата во која припаѓа моторното возило.


