Охрид / Фото: Unsplash / Антонио Стојчески

Се санира и реставрира Куќата на Робевци во Охрид

Со пари обезбедени од Охридскиот завод и музеј и ресорното Министерство за култура, деновиве се спроведуваат обемни зафати за санација и реставрација на Куќата на Робевци во Охрид, еден од најзначајните и најпрезезентативни објекти од старата градска архитектура.

За ова досега се издвоени три милиони денари (нешто помалку од 50.000 евра), а предвидено е зафатот да биде заокружен кон крајот на март.

Директорот на охридскиот Завод и музеј, Горан Патчев, појаснува дека се работи за градежни интервенции на фасадите и на крововите, како на самата куќа, така и на придружните објекти од споменичниот комплекс, како што се Магазата, депото и Лапидариумот.

Предвидена е и внатрешна реконструкција на подовите, како и вградување нов систем за проветрување и затполување на Куќата на Робевци.

„Со тоа ќе обезбедиме идеални услови за самите експонати во објектот, меѓутоа и подобри услови и за вработените и посетителите“, вели Патчев.

Предвидено е објектот да добие и нов систем за обезбедување, со оглед на тоа што во него се наоѓа и „Златната соба“, поставка во која се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.

„Покрај другите работи, ќе се обезбеди нов видеонадзор, посовремен и нов алармен систем, особено на златната соба која ни е од големо значење за градот и републикава, каде што се чува златото на Лихнитида“, вели Патчев.

Инаку, оценка на директорот на Заводот и музеј е дека Куќата на Робевци не е објект соодветен за презентација на археолошки експонати, па оттаму потребата Охрид што поскоро да добие археолошки музеј каде ќе бидат изложени големиот број предмети што се наоѓаат по музејските депоа, а далеку од очите на јавноста.

Поврзани теми

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот