Се распаѓа тимот во „Козле“ што ги спасуваше децата кои се борат за воздух од залетнат предмет во дишните патишта

Детската клиника за белодробни заболување - Козле/Фото: МИА

Кадровско „цунами“ ја погоди ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, „Козле“. Откако за директорка е поставена доктор Каролина Симоновска, бронхоскопскиот тим почнал да се распаѓа, тврдат за „Слободен печат“ извори од Клиниката. Загрозено е  функционирањето на одделот на кој со години на мали деца им беа отстранувани туѓи тела кои им залетнале во дишните патишта, затоа што врвни доктори со децениски стаж специјализирани да ги отстрануваат овие предмети – си дале оставки од раководни позиции. Причината која ѝ ја предочиле на директорката Симоновска била тоа што не можат да работат во услови кога не им се набавува потрошен материјал за да ги изведуваат интервенциите.

Причината која ја навеле за оставката било тоа што управата не се согласила да набави повеќе специјални апаратчиња наречени „баскет“ кои служат за вадење на залетнат предмет во дишните патишта на децата. Со помош на таканаречениот „баскет“ обучени и долгогодишни специјалисти работеле на безбедно отстранување на залетнатите предмети во дишните патишта на децата. „Баскетот“ е за една употреба и ако се скине може да го остави малиот пациент со предметот во дишните патишта, а лекарите беспомошни. Раководителката на одделот за бронхоскопија што си дала оставка од позицијата, тоа го направила зашто директорката Симоновска не дозволувала да се набават неколку вакви „баскети“ за да има на лагер, во случај првиот да се скине, туку се согласувала да набави само еден. Раководителката од етички причини, не се сложила да работи под таков ризик. Дополнително, овие „баскети“ во светот се користат само за една употреба, односно само за една интервенција врз само едно дете. Еден „баскет“ инаку чини 500 евра.

Одделот за бронхоскопија во ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“ функционира над 40 години и е единствениот во државата, што значи дека е неопходен за најмладите. Ниту една државна или приватна педијатриска болница не се занимава со овој сегмент, затоа што постапката со себе носи многу ризици и е многу комплексна. Таму децата некогаш се борат за воздух. Сега е особено неизвесно кој ќе ги вади туѓите тела од долните дишни патишта на децата, бидејќи освен раководителката на одделот, во него не е уште една долгогодишна специјалистка, а другите се помлади и секогаш интервенциите ги изведувале во присуство на поискусните докторки.

Нашите извори велат дека се спротивставиле и на тоа што новата директорка сакала да го раскине договорот со анестезиолозите кој е потпишан од претходниот директор, а кои биле обезбедувани секогаш кога ќе дошло дете со предмет во дишните патишта кој треба да се вади. Анестезиолозите доаѓале од ТОАРИЛУЦ, а ЈЗУ Клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ месечно исплаќала 30 илјади денари на ТОАРИЛУЦ и за тие пари имале анестезиолог на повик во кое било време кога ќе се појавело дете на кое му е потребна оваа интервенција. Ризикот да се раскине договорот за анестезиолог придонел да си отидат двете најискусни докторки на одделот, да се повлечат од раководните позиции, бидејќи немале услови да работат.

Сега е формиран нов тим за бронхоскопија, ама шест членови од него до директорката Симоновска поднеле барање да ги изземе од работата и од приправноста. Меѓу нив има и доктори и медицински сестри.

„Ние подолу потпишаните членови на тимот за бронхоскопија, при чиста свест без присила, бараме да бидеме изземени од работата во бронхоскопскиот тим и од приправност за бронхоскопија. Ова барање го поднесуваме со оглед на новонастанатата состојба и промена во составот на тимот односно во него не се двете најискусни бронхоскопски педијатри и ОРЛ специјалисти, како стожери на тимот. Тие се единствените обучени и работат комплицирани и ургентни бронхоскопии каде што има потреба на екстрахирање на туѓи тела со баскет или ригидна бронхоскопија. Без нив, ние најодговорно тврдиме, заради заштита на здравјето на децата, дека не можеме да ја работиме оваа интервенција“, ѝ напишале на директорката Симоновска двајца доктори и четири медицински сестри.

За среќа, цел август немало ниедно дете на кое му била потребна оваа интервенција, инаку би биле во рацете на медицински лица кои во изјава бараат од директорката да ги изземе од работа бидејќи без поискусните колешки не можат да работат така сложени процедури.

Денеска една од тие искусни поранешни раководителки беше преселена во друга ординација откако претходно беше оставена во ходник. Вработените се жалат на нарушени односи со новата директорка. Според нив, откако е назначена Симоновска за директорка уште веднаш на колешка ѝ предочила дека не треба на Фејсбук да споделува медиумски прилози во кои се зборувало за загадувањето на воздухот и последиците од него врз децата, за да не се „оцрнува“ болницата. Дел од вработените велат дека не добивале одговор на нивните писмени барања, макар и да не биле прифатени од новото раководство. За раководител на оддел имало поставено лекар што немал ни 2 години искуство како специјалист, што е спротивно на условите утврдени во Статутот. Разрешени биле и раководители на оддели со највисоки наставни и стручни звања, единствени во својата област и без ниту една дамка во работењето. Болницата едно време 10 дена била без главна сестра откако таа што ја извршувала функцијата си заминала за многу кратко време, не издржала ни една недела. Барањата за унапредување на повеќе лекари што изминатиот период се стекнале со стручни, научни и наставни звања останале непотпишани. За дел од случаите веќе се поведени постапки во трудова инспекција.

„Слободен печат“ не успеа да ја разубеди директорката Симоновска да нè прими на разговор иако бевме во болницата. Наспроти тоа, на прашањата што побара да ѝ ги испратиме преку електронска пошта добивме сувопарен одговор.

Директорката ја прашавме зошто нема „приправен“ тим за изведување интервенција за отстранување туѓо тело од дишните патишта, каде пациентите да одат за да им се изведе оваа интервенција и дали е загрижена што персоналот самиот ѝ посочува дека без докторките што се повлекле, не знаат да ги работат овие комплексни процедури и дека се откажуваат од приправноста за да не загрозат живот на дете. Прашавме зошто се сменети раководителите на оддели и има поставено доктор со помалку од две години стаж, побаравме коментар зошто главната сестра си заминала за помалку од една недела, прашавме дали ќе биде раскинат договорот со анестезиолозите од хируршки клиники присутни при вадење на туѓо тело од дишните патишта, зошто е проблем да се набави потрошен материјал и зошто смета дека изјавите на медицинските професионалци за горливи теми од јавен интерес како на пример загадениот воздух и детското здравје – претставува „загрозување на репутацијата на ЈЗУ“? Прашавме зошто се преместени петнаесетина канцеларии, зошто амбулантско поликлиничкиот оддел и бронхоскопскиот оддел еден месец немаат одделенска сестра и сестрите самите се организираат како да работат и набавуваат лекови и потрошен материјал, зошто не се потпишуваат барањата за унапредување на тие што се стекнале со наставно научни зваања и уште што останува да се реализира за Универзитетската клиника да го добие колективниот договор и статут на установа од терциерно ниво, со што на персоналот би морало да му се исплаќа повисока плата од сегашната.

Одговорот што го добивме од директорката гласи:

„Во врска со вашите прашања и наводи ве известуваме дека истите се невистинити и навлегуваат во дневно политичките „колуари“. Одговорно тврдам дека ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, работи во рамките на законите и пред сè во интерес на здравјето на пациентите“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот