Се прави стратегија за тестирање со брзи тестови во училиштата

Ученици во Франција /Фото: EPA-EFE/CAROLINE BLUMBERG

Предлогот на првата детска амбасада „Меѓаши“, да се воведе бесплатно тестирање во училиштата, прва го прифати Општина Илинден којашто им донираше брзи тестови на трите основни училишта. Сепак, ниту една скопска општина нема да го следи овој пример, бидејќи во нивните буџети не се предвидени средства за таа намена, а и немаат законска можност да прават набавки за време на избори.

– Ги следиме насоките од Министерството за образование и наука како и препораките од Комисијата за заразни болести. Редовно се издвојуваат финансии за хигиенски средства и средства за дезинфекција, но не и за брзи тестови, ни одговорија од општина Ѓорче Петров.

Сличен одговор добивме и од Карпош и Центар.

– Во комуникација сме со МОН и Министерството за здравство но немаме никаква најава за бесплатни пср тестови по училиштата, велат од Карпош.

– На почеток на секоја учебна година Општината обезбедува хигиенски средства за секое училиште, како и средства за дезинфекција, велат од Центар.

Од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче вели дека деновиве ќе биде презентирана методологијата за тестирање на учениците со брзи антигенски тестови.

– Следните денови детално ќе ја презентираме методологијата за скринингот на тестирање на учениците во основните и во средните училишта со брзи антигенски тестови. Факт е дека има трансмисија, иако многу мала, сепак постои. Сакаме да направиме скрининг на состојбата поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители. Во моментов се разработува методологија колкава бројка на ученици ќе бидат тестирани, рече Филипче.

На прашањето, кој ќе ги врши тестирањата, дали тоа ќе го прават вработените во училиштата или пак ќе бидат ангажирани медицински лица, министерот одговори дека ќе се разговара со епидемиолозите во центрите за јавно здравје и со вработените во здравствените домови затоа што ќе треба да бидат ангажирани повеќе луѓе.

Долгогодишна педијатарка која поради страв од притисок и етикетирање сакаше да остане анонимна, вели дека тестирањето на децата во училиштата е апсолутно непотребно.

– Како ќе се проценува кое дете да биде тестирано, а кое не, кој ќе ја прави таа проценка? Брисот мора да биде правилно земен и правилно прочитан, така што во тој процес мора да бидат вклучени медицински лица. Добро е да се тестираат децата, ама не може на секое дете што ќе се накашла или ќе му се растече носот веднаш да му се земе брис од нос. Дополнително треба да се има предвид дека се работи за чувстителна возраст и постои опасност од сериозно одбивање и спротивставување на најмладите, особено ако тоа треба да се повторува повеќе пати. Дури и да се појави позитивно дете, не треба да се стравува, бидејќи тие вирусот го поминуваат како најобична настинка, вели докторката.

Проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсиколоогија апелира навреме да се набават брзите комбинирани антигенски тестови Covid/InfluenzaA/B Combo test со кои ќе може многу полесно да се открие дали едно лице е заразено со ковид-19 или има инфекција на грип.

– Со доаѓање на есента и зимата оваа година неминовно ќе нè заплисне и сезонскиот грип. Затоа додека цените на тестовите сè уште не се скапи на светската берза, веднаш набавете ги брзите комбинирани антигенски тестови Covid/InfluenzaA/B Combo test, со кои за релативно евтин и временски краток рок ќе може веднаш да дијагностицираме болни од ковид-19 и сезонски грип. За еден месец можеби ќе биде предоцна, вели доктор Беќаровски.

Видео на денот