ВИДЕО | Се огласи мајката на девојчето по инцидентот со обезбедувањето на Чапел Роан: „Ѝ го уништивте доживувањето!“
Поранешната партнерка на актерот Џуд Ло, Кетрин Хардинг, јавно се огласи по инцидентот во хотел во Бразил, во кој, според нејзините тврдења, обезбедување поврзано со пејачката Чапел Роан ја вознемирило нејзината 11-годишна ќерка. Случајот привлече внимание откако и самата пејачка ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека лицето не било дел од нејзиниот личен тим.
Препорачано
Инцидентот се случил во хотел во Сао Паоло, каде што Хардинг престојувала со своето семејство. Нејзиниот сопруг, фудбалерот Жоржињо, претходно објави дека обезбедувач ѝ се обратил на нивната ќерка Ада Ло на, како што наведе, заканувачки начин, откако девојчето ја забележало пејачката и реагирало возбудено.
По обвинувањата, Чапел Роан се огласи на социјалните мрежи, нагласувајќи дека не била вклучена во инцидентот.
„Ќе ја раскажам мојата страна од приказната за она што се случи со мајка и дете во инцидент со обезбедувач, кој не е мој личен телохранител“, напиша таа.
Таа додаде дека воопшто не била свесна за случувањата: „Ниту ги видов жената и детето, ниту некој ми пријде. Само појадував во хотелот. Не сум побарала од никого да им се обрати. Не е фер обезбедувањето само да претпоставува дека некој има лоши намери без причина. Жал ми е ако се почувствувале непријатно, тоа не го заслужиле“.
Сепак, Хардинг останува на својата верзија на настаните. Таа изјави дека лицето кое ѝ се обратило не било хотелско обезбедување, туку, како што рече, било ангажирано за изведувачите.
„Не знам дали е нејзин личен телохранител, но беше со неа и тоа е сè што знам. Сакам да верувам дека таа не го испратила, но јавните личности имаат одговорност за луѓето што работат за нив“, истакна Хардинг.
Таа нагласи дека нејзината ќерка не направила ништо несоодветно.
„Немаше телефон, не фотографираше, ништо не направи. Само ја погледна и ѝ се насмевна“, рече Хардинг, додавајќи дека обезбедувачот се однесувал „агресивно и заплашувачки“ и ѝ забележал за наводно несоодветно однесување.
Според неа, девојчето, иако расте во семејство познато во јавноста, добро ги разбира границите, но објаснувањата не биле земени предвид.
„Се надевам дека Чапел не знаела за ова. Навистина мислам дека е талентирана уметница и дојдовме во Сао Паоло токму за да ја гледаме – тоа беше роденденски подарок. Доживувањето беше нарушено, па не отидовме на настапот“, изјави Хардинг.
Таа додаде дека се надева дека ваквите ситуации ќе бидат поука во иднина: „Ако не била вклучена, тогаш можеби ќе научи да не дозволува луѓето што работат за неа да се однесуваат така“.
За разлика од ова искуство, Хардинг јавно му се заблагодари на пејачот Луис Капалди за неговата љубезност. Таа објави фотографија од својата ќерка со него по настап на фестивалот „Лолапалуза“ во Сао Паоло, каде што настапувала и Чапел Роан, со кратка порака: „Ти благодарам за љубезноста“.


