Се очекува да достигнат 200.000 фунти: Необјавени демо снимки од Џими Хендрикс ќе се најдат на аукција во ноември
Касети кои содржат претходно необјавени демо снимки на покојниот американски музичар Џими Хендрикс ќе бидат понудени на аукција на 15 ноември, заедно со многу лични предмети на Хендрикс.
Меѓу снимките што ќе се најдат на аукција се демо снимките на песните „Up from The Skies“, „Ain’t No Telling“ и „Little Miss Lover“, „Axis: Bold as love“, како и демо верзијата на „Stone Freе“, која беше објавена на Б-страната на синглот „Hey Joe“, пренесува „Гардијан“.
„Овие верзии никогаш порано не биле емитувани, не биле слушнати од јавноста и не биле пуштени во оптек“, рече музичкиот консултант на аукциската куќа „Пропстор“, Марк Хоман.
Тој истакна дека демо верзиите кои ќе се продаваат на аукција се разликуваат од претходно објавените по должина и звук.
„Тие се многу поцврсти и потечни. Можете да слушнете повеќе гитара, по што Хендрикс беше очигледно познат. Експертите кои ги слушнаа овие снимки се согласуваат дека тие се супериорни во однос на сите други верзии на тие песни“, рече Хоман.
Тој додаде дека кој ќе ги купи касетите ќе може да се пофали „дека има свои песни на Џими Хендрикс кои само тој може да ги слуша“.
Според „Гардијан“, снимката што ги содржи демо-снимките се очекува да се продаде за 200.000 фунти.
Колекцијата ја продава Патриша Трикси Саливан, која беше лична асистентка на менаџерот на Хендрикс, Мајкл Џефри, помеѓу 1966 и 1973 година, и која работеше со музичарите, обично со резервирање студиски сесии и креирање распореди за нивните турнеи.
По смртта на Џефри во 1973 година, таа собрала материјали од неговата канцеларија, а исто така ќе стави на аукција многу лични предмети на Хендрикс и на членовите на неговиот бенд.