Фото: Фејсбук

Се комплетира првата фаза од булеварот „Македонија“

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера информираше дека се одвиваат последните работни активности на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот крст, со што се привршува првата фаза од изградбата на булеварот „Македонија“.

Ѓорѓиевски изјави дека во оваа прва фаза се обнови асфалтот и се проширија дел од сообраќајните ленти.

„Во рамки на првата фаза се изврши реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти, со што значително се подобрува проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“, кој се поврзува со следните фази од трасата. Улицата „Пролет“ е проширена со дополнителна коловозна лента на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, додека раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови, решенија што значително ја зголемуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, рече градоначалникот.

Фото: Фејсбук

Во наредните фази следува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“. Паралелно, Ѓорѓиевски соопшти дека се работи и на атмосферската канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници.

Подземната улица под „Лимак“ ќе води и под кружниот тек кај НИП-от, ќе излегува кај Паркот на новинарите

Иако подземната сообраќајница како дел од третата фаза е веќе одамна изградена, нејзиното целосно отворање и ставање во функција директно зависи од комплетирањето на сите останати фази, а кога ќе биде пуштена за употреба, како што вели Ѓорѓиевски, се очекува намалување на метежот во Скопје за околу 30 проценти.

„Со нејзиното ставање во функција се очекува значително намалување на метежот за 33 отсто, побрзо движење низ централното градско подрачје и создавање побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор. Се заблагодарувам на жителите на Скопје за трпението и разбирањето денес, поради затворањето на оваа улица, чија изградба денес успешно се завршува“, нагласи Ѓорѓиевски.

Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти, од кои четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и со пешачки патеки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот