Подземната улица под „Лимак“ ќе води и под кружниот тек кај НИП-от, ќе излегува кај Паркот на новинарите

Граѓаните од општините Аеродром и Кисела Вода од кај улицата „11 Октомври“ би се вклучиле на булевар „Македонија“ и по него, минувајќи директно под сегашниот подвозник, би се движеле по подземната улица под „Лимак“, која би водела и под кружниот тек што треба да се гради кај НИП-от и би излегувала по него.

До крајот на април треба да е готова првата фаза од изградбата на булевар „Македонија“, веќе е распишан јавен оглас за изведба на втората фаза, во која треба да се изградат два кружни текови од двете страни на надвозникот, а до крајот на годинава треба да започне и „тендерирањето“ за изградба на големиот кружен тек кај „Нова Македонија“.

Сето ова е дел од проектот „Лимак“, кој ќе се спроведува во пет фази и со чија реализација треба да се стави во функција подземната улица. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откако првично најави дека очекува проектот да се реализира до крајот на неговиот мандат, во последните изјави го намали рокот на изведба, посочувајќи дека очекува  до половината на мандатот Скопје да ја добие првата подземна сообраќајница, што сериозно би го растоварила сообраќајот во овој дел од градот.

Проект за булевар Македонија/ Фото: Фејбук на Орце Ѓорѓиевски

Изградбата се реализира врз база на Основниот проект за булевар „Македонија“, проектиран од Друштво за инженеринг и консалтинг „Чакар-партнерс“ ДОО од Скопје. Со него е опфатен потегот од раскрсница со улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до раскрсница со улица „11 Октомври“ и булеварот „Борис Трајковски“, опфаќајќи ја и раскрсницата на булевар Кочо Рацин и улица Павел Шатев, проектиран од Друштво за инженеринг и консалтинг „Чакар-партнерс“ ДОО од Скопје.

 За првата фаза „Лимак“ има рок од 90 дена, во меѓувреме е распишана постапката за втората фаза, која подразбира нивелација пред подземната улица, поточно кај оној подвозник и изградба на два кружни текови. До крајот на годината ќе ја започнеме тендерската постапка за она што би значело голем кружен тек кај „Нова Македонија“, којшто треба да се поврзе со Католичка црква и ни останува уште проширување на улицата кај Рамстор со уште една дополнителна лента, односно четврта лента таму – рече неодамна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во интервју за „ Радио Слободна Европа“.

Прва фаза на булевар Македонија/ Фото: Фејсбук на Орце Ѓорѓиевски

Првата фаза е во тек, распишан е тендер за втората

Првата фаза започна на почетокот на февруари и во рамките на оваа етапа се врши реконструкција на постојниот коловоз, како и проширување одделни коловозни ленти. Се работи кај Рампа, на улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде што продолжува кон следната фаза.

Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон „Лимак“, како и од „Лимак“ кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори – соопшти Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Во наредните фази, како што објасни предвидена е изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.

ВИДЕО | Подземната улица под „Лимак“ со години чека излези над земја, конечно се работи на булеварот „Македонија“

Од целиот проект завршена е само третата фаза, односно подземната улица која располага со шест ленти – четири за двонасочен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.

Дел од проектот за подземната улица/ Фото: Принтскрин

Проектот што според најновите најави на градоначалникот ќе заврши во наредните две години, започна на некој начин уште во 2012 година кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски склучи договор со турскиот инвеститор за изградба на подземна улица како услов за да добие градежна дозвола за комплексот станбени и деловни објекти. Изградбата на улицата започна шест години подоцна, а при крајот на мандатот на Петре Шилегов беше претставен и проектот за поврзувањето со подземната улица што сега започна да се реализира.

Кога ќе заврши изградбата, граѓаните од Кисела Вода или Аеродром ќе можат многу побрзо да стигнат до Карпош или Ѓорче Петров и обратно. Кисела Вода или Аеродром и обратно.

Како би „течел“ сообраќајот по реализацијата на проектот

Граѓаните од општините Аеродром и Кисела Вода од кај улицата „11 Октомври“ би се вклучиле на булевар „Македонија“ и по него, минувајќи директно под сегашниот подвозник би се движеле по подземната улица под „Лимак“, која треба да продолќи и под кружниот тек кој ќе се гради кај НИП-от и би излегувала после него. Оттука булеварот би продолжувал кон кружниот тек кај Католичка црква на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Во спротивна насока ќе се влегува од кај улицата „Народен фронт“. На сите овие делови треба да има проширување.

Кружен тек кај НИП/Фото: Принтскрин

Што се однесува на кружниот тек, тој треба да го опфати просторот од крстосницата кај „Нова Македонија“ до крстосницата на почетокот на Водњанска, а ќе опфати и дел од сегашниот Парк на новинарите и зеленилото, како и делот каде што сега има стари куќи, но и бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници. Преку овој кружен тек без застој би циркулирал сообраќајот накај центарот на градот, кон Водно, Капиштец и покрај Рамстор, каде што сега се создава сообраќаен хаос, особено во часовите кога луѓето одат или се враќаат од работа.

Од другата страна на „Лимак“, кај подвозникот ќе бидат изградени два мали кружни текови едниот кон улицата накај „Рамстор мол“, а другиот во насока кон Министерството за внатрешни работи.

Започна изградбата на булеварот „Македонија“ – Ѓорѓиевски се надева дека ќе заврши во неговиот мандат

Првичната проценка колку ќе чини изградбата на трите кружни текови, која ја даде Шилегов во 2021 година, беше 22 милиони евра. Конечната ќе се знае по завршувањето на изградбата.

Дали очекувањата на Ѓорѓиевски дека целиот овој грандиозен проект може да заврши за половина мандат се преамбициони ќе покаже времето. Но едно е сигурно – мора да се работи брзо и без застој затоа што изградбата особено на кружниот тек кај НИП ќе направи голем сообраќаен застој, а граѓаните немаат баш големо трпение кога се зад волан.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот