ВИДЕО | Подземната улица под „Лимак“ со години чека излези над земја, конечно се работи на булеварот „Македонија“
Амбициозниот проект што се најавува со години досега не беше „пипнат“ од градските власти иако со овој сообраќаен коридор треба да се овозможи да се растовари центарот на градот и граѓаните што се движат од Карпош, од Ѓорче Петров, побрзо да стигнат до Кисела Вода или Аеродром и обратно.
Речиси две недели како е започната реализацијата на првата фаза од реконструкција на булеварот „Македонија“, кој треба да се поврзе со подземната улица под комплексот на „Лимак“ и да излезе од другата страна на просторот пред некогашниот НИП „Нова Македонија“. Тука, во некоја наредна фаза треба да се изгради голем кружен тек. По завршување на целокупниот проект би требало во голема мерка да се растовари и да има побрз проток на сообраќајот во овој дел на градот.
Препорачано
Градежните работи во првата фаза ги изведува фирмата „Ленди груп“, која понуди најниска цена за своите услуги на тендерот кој го објави Град Скопје. Проектот го опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ кај Рампа, улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до влезот во булеварот „Борис Трајковски“.

Вредноста на договорот изнесува 76.156.520 денари со пресметан ДДВ, а оваа цена е со вклучени трошоци за извршената работа, работна рака во работни часови, транспортни трошоци, јавни давачки и сите други издатоци и помошни работи.
Договорот е со времетраење од 12 месеци кои течат од денот на потпишувањето. Во него е прецизирано дека, носителот на набавката гарантира за квалитетот на извршените градежни работи за период од три години сметано од извршениот технички преглед. Доколку се појават недостатоци кои се однесуваат на квалитетот на извршените работи и вградените материјали, носителот на набавката е должен да ги отстрани на свој трошок.
Изградбата на булеварот и поврзувањето со подземната улица ќе се одвива во пет фази, при што веќе е завршена третата – односно подземната сообраќајница, чие ставање во функција е невозможно додека не се завршат сите останати фази.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека во првата фаза, која веќе е во тек, ќе се изврши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти, со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот.
Во оваа етапа се предвидува и проширување на улицата „Пролет“ во правец од Полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза. На потегот од улицата „Пролет“ кон „Лимак“, како и од „Лимак“ кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен сообраќај, а на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори – информира Ѓорѓиевски.
Проектот во другите фази, предвидува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ („Железничка“), како и проширување на булеварот „Свети Кирил и Методиј“.
Според градоначалникот, овие сообраќајни решенија ќе овозможат побезбедно и поефикасно одвивање на сообраќајот, во согласност со современите европски стандарди.
Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници, што претставува значаен чекор кон поотпорна и одржлива урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со вкупно шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки – соопшти неодамна градоначалникот.

Амбициозниот проект што се најавува со години досега не беше „пипнат“ од градските власти иако со овој сообраќаен коридор треба да се овозможи да се растовари центарот на градот и граѓаните што се движат од Карпош, од Ѓорче Петров, побрзо да стигнат до Кисела Вода или Аеродром и обратно.
Договорот за изградба на подземната улица со турскиот инвеститор беше потпишан во март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски, како услов за изградба на комплексот на „Лимак“, но изградбата започна после повеќе од шест години кога прв човек на Градот беше Петре Шилегов. Откако се изгради, со години се чекаше Град Скопје да ги направи поврзувањата.
Подземната улица зад „Рамстор“ уште долго време нема да излезе над земја
Градоначалничката Данела Арсовска, во чиј мандат ништо не се презема за поврзување со подземната улица се жалеше дека проблемот за реализација на проектот бил во тоа што до 2022 година ништо не било „мрднато“, а дури потоа почнале да се решаваат имотноправните прашања.

Таа уште пред три години тврдеше дека почнале со решавање на првата и на втората фаза на булеварот, дека таму имало експропријации и дека некои од институциите требало да си извршат дислокации на нивна инфраструктура.
Веќе успеавме со нив да се договориме, имаше имотноправни проблеми со три сериозни објекти, најдовме некој заеднички начин за да не одиме во судски постапки што долго траат и тука веќе почнуваме со првите две фази. А од другата страна, каде што е „Нова Македонија“, проблемот се бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници. Самите бараки не се толку проблем, но тоа внатре што го имаат, опрема и инсталации, е нешто што не треба да прекине – рече тогаш Арсовска.
Но и покрај тоа, на терен досега не се случуваше ништо.
Изградбата сериозно започна на почетокот на февруари, па граѓаните се надеваат дека ќе продолжи со иста динамика и дека конечно Скопје за некоја година ќе може да се пофали со нова сообраќајна инфраструктура штодолго се најавува.


